• петок, 26 јули 2024

Досега во Србија се издадени 69 решенија за истражување на литиум

Досега во Србија се издадени 69 решенија за истражување на литиум

 

Белград, 24 јули 2024 (МИА)-Во Србија, од 2003 година, заклучно со 2024 година, се издадени 69 решенија поврзани со истражување на литиум и сродни елементи, а литиумот е истражуван на повеќе од 60 локации и го има и на места што се граничат со Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во периодот од 2003 година, заклучно со 2024 година, издадени се 69 решенија за истражување на литиум и сродни елементи, покажуваат податоците на министерството за рударство и енергетика (МРЕ) доставени до весникот Данас.

За литиум, првото решение и е издадено на компанијата „Рио Сава Експлорејшн“ на 8 јуни 2004 година, да врши геолошки истражувања на евапорит во областа на неогенскиот басен Јадар, во областа Лозница, како што е соопштено од страна на здружението Први први на скала (ППНС) врз основа на податоците добиени од МРЕ.

Таа компанија, која е компанија ќерка на корпорацијата Рио Тинто, била единствената која добивала државни дозволи до 2010 година, пишува ППНС.

Екологот Игор Радошевиќ изјави дека кога се споменува литиум сите мислат само на компанијата Рио Сава.

-Рио Тинто не е единствената компанија која планира да ископува литиум во Србија. Покрај Рио Тинто, на територијата на Србија свои рудници за литиум планира и компанијата „Еуро Литиум“, која својот прв рудник го планира во Ваљево, Уб и Мионица, додека компанијата „Балкан рисрч“ планира рудници за литиум во околината на Јагодина, Горњи Милановац и Рековац, Пожеге и слично, рече Радошевиќ.

Според него, рудници за литиум се планирани на 30 локации во Србија во триаголникот Лозница-Ваљево-Бор и посочи дека рудникот за литиум во долината Јадра е прв од 30-те планирани рудници за литиум.

-Тој рудник има задача да ги пробие бариерите за добивање на сите потребни дозволи и студии, особено Студијата за влијание врз животната средина, која е клучен документ. Во случај да „помине“ рудникот Рио Тинта во Лозница, ќе дојде до домино ефект каде што нема да може да се спречи отворањето на други планирани рудници за литиум во Србија, рече Радошевиќ.

Како што соопшти Здружението ППНС врз основа на податоците добиени од МРЕ и други институции, во периодот од 2004 до 2024 година со издадените решенија за истражување на литиум биле опфатени вкупно 63 места на територијата на Србија.

Порталот „Врање њуз“ потсети на претходните тврдења на еколошкиот активист и член на Еколошкото востание Драган Антиќ дека на територијата на Врање и Пчињскиот округ на границата со Македонија има дури 28 локации каде што се спроведени фази за истражување за ископ на литиум и бор.

-Што се однесува до околината на Врање, се споменува Клиновац, а се зборува и за ископ на литиум и злато во околината на Босилеград. Рио Тинто е заинтересиран и за Трговиште, Кленике, Спанчевац, Русче, Буштрање, Ново Село. На 28 локации во Врање и неговата околина, тие завршија две фази на истражување, а тоа е напишано и на веб-страницата Рио Тинто, изјави еколошкиот активист Драган Антиќ. об/

Остани поврзан