• среда, 25 декември 2024

Евростат: Мажите со подолг очекуван работен век од жените 

Евростат: Мажите со подолг очекуван работен век од жените 

Брисел, 26 јули 2024 (МИА) - Очекуваната просечна должина на работниот век на работниците во ЕУ во 2023 година беше проценета на 36,9 години, но таа во голема мера варира од земја до земја членка на Унијата, соопшти денеска Европската статистичка служба – Евростат. 

Најдолг работен век лани е проценет за работниците во Холандија од 43,7 години, пред оние во Шведска со 43,1 и Данска со 41,3 години. Од друга стана, најкраток работен век е предвиден во Романија од 32,2 години, пред Италија со 32,9 и Хрватска со 34 години. 

Податоците добиени врз основа на анализа на состојбата со вработеноста и невработеноста во ЕУ, покажуваат и дека мажите во просек имаат подолг очекуван работен век од жените. Просечното очекувано времетраење на работен век на мажите изнесувал 39, а на жените 34,7 години. 

Најдолг работен век меѓу мажите им се предвидува на Холанѓаните со 45,7 години, пред Швеѓаните од 44,1 и Данците и Ирците од по 42,8 години. Меѓу жените, најдолг работен век е прогнозиран за Швеѓанките од 41,9 години, пред Холанѓанките и Естонките од по 41,5 години. 

Најкус очекуван работен век имаат мажите во Хрватска од 35,4 години, по што следуваат оние во Бугарија и Романија со по 35,6 години, додека меѓу жените тој е најкус во Италија од 28,3 години, пред Романија од 28,5 години и Грција од 30,6 години. 

Од 2013, па до 2019 година, очекуваното просечно времетраење на работниот век во ЕУ постојано се зголемуваше. Во 2020 година тој се намали на 34,7 години од 35,9 во 2019-та, како последица на ковид пандемијата, но од 2021 продолжи трендот на раст на очекуваниот работен век надминувајќи ги предпандемиските вредности. сп/

Фото: Евростат

Остани поврзан