• петок, 27 декември 2024

Повлечени „Сините знамиња“ од 22 грчки плажи

Повлечени „Сините знамиња“ од 22 грчки плажи

Атина, 26 јули 2024 (МИА) – Вкупно 22 грчки плажи во различни делови на земјата, од кои четири на Крит и три на Халкидики ја загубија меѓународната награда за квалитет „Сино знаме“ и се повлечени од националната и меѓународната листа за 2024 година бидејќи или не се организирале правилно за овогодишната сезона или не ги исполниле строгите критериуми на програмата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Грчкото друштво за заштита на природата, што воедно и националниот оператор во меѓународната програма „Сино знаме“ соопштија дека според нивните оценки и соодветните процедури, по ненајавени посети на плажите констатирале недостатоци во почитувањето на критериумите што се однесуваат на: услугите за капачите и посетителите (вклучувајќи ги и лицата со инвалидитети), хигиената, точни информации, безбедност на капачите и посетителите, правилно управување со животната средина, како и зафаќање слободен крајбрежен простор.

-Потенцираме дека повлекувањата на наградите се поради лошата организација, а квалитетот на водите за капење останува одличен, според стандардите на Програмата, нагласија од Грчкото друштво за заштита на природата. 

Додадоа дека паралелно продолжуваат со контролите на сите наградени плажи во земјата, контроли кои, „во најголем дел, се спроведуваат ненајавено“.

„Сините знамиња“ се повлечени од четири плажи во различни делови на Крит, без награда останаа по три плажи на Халкидики, Родос и Наксос, две плажи во областа Атика, поширокиот регион на Атина и на Крф, како и по една во Превеза и на островите Андрос, Милос, Миконос, Тинос.

На крајот на мај годинава беа соопштени наградените плажи во Грција за 2024 година, земјата останува на второ место во светот по „Сини знамиња“ со 652 наградени места, од кои 625 се плажи, 18 марини и девет туристички јахти. ср/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан