• четврток, 26 декември 2024

Дијана Имери Илкоска за МИА: Во музиката не постои машка или женска професија, единствено е важно дали ве бидува или не

Дијана Имери Илкоска за МИА: Во музиката не постои машка или женска професија, единствено е важно дали ве бидува или не
Скопје, 16 мај 2021 (МИА) - Не постои машка или женска професија, не постојат поделби или граници, особено не во музиката. Доколку споредиме со филмската уметност, може да се каже дека диригентот е своевиден пандан на режисерот. И тука апсолутно нема врска дали носите здолниште или пантолони, дали сте жена или маж. Единствено е важно дали ве бидува или не. Ова за МИА го подвлекува диригентката Дијана Имери Илкоска, која важи за една од најперспективните уметници од младата генерација во државата, и бележи бројни успеси и соработки со престижни оркестри и ансамбли. Диригентката Имери Илкоска уште од своето дипломирање во класата на професорот Саша Николовски-Ѓумар соработува со престижни оркестри и ансамбли како Македонската Филхармонија, Македонска Опера и Балет, Оркестар и Хор на Бугарското Национално Радио, Камерниот Оркестар на МММ, Камерниот и Симфонискиот Оркестар на ФМУ, Мешаниот Хор при ФМУ и други ансамбли. Да се опстане во светот на диригенството, што во светски рамки е повеќе резервиран за мажите, претставува голем предизвик. Диригентката Имери Илкоска во разговор за МИА ги охрабрува жените кои имаат аспирации да се надоградуваат во оваа професија да продолжат напред, посочувајќи им дека по патот ќе се соочат со многу препреки и моменти во кои ќе се двоумат дали да продолжат понатаму, па и на крајот дека можеби исходот нема да биде онаков каков што го замислуваат. Но, како што потенцира, ако и покрај сето ова се решителни и имаат желба и љубов да го прават ова – само напред! -Патот е многу тежок, поплочен повеќе со трње отколку со листови рози, но ако навистина го сакате, тогаш не постои ѕид што може да ви го попречи патот, вели Имери Илкоска. Работата која еден диригент треба да ја заврши е од исклучителна важност, бидејќи, како што објаснува Имери Илкоска, диригентот е еден вид медиум или предавател помеѓу партитурата - музичкото дело, оркестарот и публиката. Работејќи ја оваа професија, Имери Илкоска појаснува дека се има соочено со голем број предизвици, но се сретнува и со различни страни на музичката уметност, преку свирењето инструмент, работа со различни ансамбли, па се до продукција на нови дела или аранжирање на постоечки дела за различни состави. Таа како свој најдраг настап го издвојува нејзиниот дипломски концерт, во кој без никаков финансиски надомест, „само“ со музиката како единствен мотив и инспирација, а со огромна љубов и претходни едномесечни подготовки, извеле дела од класичниот оркестарски репертоар. За концертот „24 илјади бакнежи“, кој на 13 февруари се одржа во просториите на Филхармонија, таа вели дека со претставување на музиката преку богата сценографија, испратена е пораката -  љубовта ќе ги надмине сите тешкотии. Несомнено, пандемијата ги погоди сите уметници во државата и пошироко. Но, за диригентката Имери Илкоска, не постои пандемија, ниту виша сила која ќе го спречи уметникот да создава и твори. Г-ѓа Имери Илкоска, важите за една од најперспективните диригенти од младата генерација, која по дипломирањето во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар бележи бројни успеси и соработки со престижни оркестри и ансамбли. Може ли да ни издвоите еден ваш настап кој ви е особено драг и го сметате за најголем успех? Секој настап го сметам за успех, сам по себе, бидејќи навистина се ретки ангажманите за еден млад диригент во денешно време. Особено се тешки почетоците за младите диригенти, па затоа секогаш со радост и возбуда се присетувам на првиот мој настап – со оркестар воопшто – бев студент во втора година и диригирав со оркестарот на Македонската Филхароминија. Но, како најдраг настап го издвојувам мојот дипломски концерт затоа што тоа беше настан со огромна порака и мотивација за идните генерации млади музичари и диригенти: имено, јас како диригент и оркестар од 25 музичари (генерално студенти) од Македонија, Србија и Хрватска, без никаков финансиски надомест, „само“ музиката како единствен мотив и инспирација, со огромна љубов и претходни едномесечни подготовки изведовме дела од класичниот оркестарски репертоар. Се разбира, концертот помина со огромни овации од публиката и голем успех. Меѓу вашите последни концерти се вбројува и традиционалниот концерт што се одржа по повод Денот на вљубените, во Филхармонија насловен „24 илјади бакнежи“. Може ли да ми кажете кои беа импресиите од настапот? Секогаш ми е предизвик да работам проекти кои се интересни и невообичаени во однос на она што обично го работам. Овој концерт, колку што беше привлечен и атрактивен за публиката, толку беше привлечен и за мене, пред се во однос на програмата и изборот на песните. Понатаму, соработката со  пејачите Благој Нацоски и Светлана Јовановска, музичари со сосем различен музички израз и стил на пеење, но огромни професионалци кои одговорија на задачата на највисоко ниво. Аранжманите за симфониски оркестар на мојот колега Иван Бејков дополнително дадоа едно интимно и посебно светло кое значително придонесе за целокупниот впечаток. Сите ние се потрудивме да склопиме една магична вечер која што во овие тешки времиња е и тоа како потребна на публиката, но и нам уметниците. Се работеше сериозно и на визуелното претставување на музиката преку богата сценографија, односно игра на светла, симболика преку танцот на младата балерина Кала Каревски која танцуваше на една од песните, со балон во форма на срце кој на крајот го пушти високо да одлета над маските и испрати убава порака – љубовта ќе ги надмине сите тешкотии. Колку пандемијата со Ковид-19 ги смени вашите планови на професионално поле? Што се случи со вашите настапи кои беа планирани за минатата година? Не постои пандемија, ниту виша сила која ќе го спречи уметникот да создава и твори. Тоа многупати се докажало низ историјата: Бетовен сокриен во подрум го пишувал својот најпознат клавирски концерт – „Емперор“ додека Наполеон со артилерија ја нападнал Виена и целата мизерија која ја доживувал ја претворил во прекрасно музичко дело кое ги надминува сите човекови фактори, Шостакович за време на опсадата на Ленинград во Втората Светска Војна ја напишал неговата најпозната симфонија – „Ленинградска“ бр.7 која била изведена за време на опсадата во разурнатиот град под силен оган на фашистичките окупатори, пијанистката Мира Хес оддржала стотици концерти свирејќи за време на Хитлеровите бомбардирања во Лондон и безброј други вакви или слични примери во историјата. Ова што нам сега ни се случува, не е ни одблизу толку драматично како овие примери кои ги набројав, но секако дека ги забави и отежна некои од настаните, како за сите уметници така и за мене. Но моите креации продолжуваат во различни форми: настапив како пијанист, пишувам аранжмани, компонирам моја музика. Уметноста се живее секој миг, секој ден. Кои се вашите следни настапи? Во моментов очекувам потврда за неколку различни проекти од различен карактер, кои вклучуваат различни музички жанрови, на кои многу се радувам и се надевам дека ситуацијата ќе биде стабилна и ќе дозволи нивна реализација. Постои некое непишано правило дека оваа професија е повеќе резервирана за мажите. Какво е чувството да се работи во оваа сфера? За мене лично не постои женска или машка професија, општо не постојат поделби ниту граници, особено во музиката и уметноста. Но тоа е мое мислење и идеологија. Но проблемот од овој тип очигледно е дека постои, па и со самото поставување на прашања од овој вид (не е првпат да ми го постават ова прашање во интервју) тоа се потврдува. Независно од предрасудите што одреден тип на луѓе го имаат за жените – диригенти, работата која еден диригент треба да ја заврши е од исклучителна важност, бидејќи диригентот е еден вид медиум/предавател помеѓу партитурата (музичкото дело), оркестарот и публиката. Кога тоа би го споредила со филмската уметност, може да се каже дека диригентот е своевиден пандан на режисерот. И тука апсолутно нема никаква врска дали носите здолниште или пантолони, дали сте жена или маж. Тука е единствено важно дали ве бидува или не. Да се работи оваа работа, покрај тоа што бара долгогодишни подготовки и темелна едукација, со себе ја носи огромната одговорност и психолошка стабилност, бидејќи како и за се во животот најважен е пристапот. Но на самиот крај, можам да кажам дека ова е најубавата професија и покрај целата нејзина тежина, од вашите раце излегува музика – тоа со зборови не може да се опише. Што би им порачале на жените кои имаат аспирации и желба да се занимаваат со оваа професија? Ако се свесни дека по патот ќе се соочат со многу препреки и моменти во кои ќе се двоумат дали да продолжат понатаму, па и на крајот дека можеби исходот нема да биде онаков каков што го замислуваат, ако и покрај сето ова се решителни и имаат желба и љубов да го прават – само напред! Патот е многу тежок, поплочен повеќе со трње отколку со листови рози, но ако навистина го сакате, тогаш не постои ѕид што може да ви го попречи патот. Може ли да ми кажете повеќе детали околу вашите почетоци. Со кои предизвици се соочивте и која е вашата најголема мотивација? Моите почетоци како студент на Факултетот за Музичка Уметност беа во теоретско – педагошката сфера. Таму изучувавме многу теоретски предмети од областа на музиката кои понатаму ми беа мост за да стигнам до студиите по диригирање. Пред да се запишам на студиите по диригирање, дипломирав на отсекот за музичка теорија и педагогија со пототсек хорско диригирање, па потоа следуваа студиите по диригирање кај професорот Саша Николовски – Ѓумар. Некако работите се одвиваа последователно, едно водеше кон друго, моите амбиции и љубопитност да научам повеќе ме водеа кон диригирањето како (според мене) јаготка на шлагот наречен музичка уметност. Ја имав огромната поддршка од мојот професор, како и пренесувањето на неговите огромни и неисцрпни знаења и познавања на занаетот кој исто така со огромна љубов го работеше. По патот се соочував со голем број предизвици и ми беше особено интересно (но и тешко) да се сретнам со различни страни на музичката уметност, како на пример научниот аспект со употреба на современи теории на анализа и истражувачка дејност, потоа репродуктивната страна преку свирењето инструмент, работа со различни ансамбли, па се до продукција на нови дела или аранжирање на постоечки дела за различни состави. Се на се, една широка палета на искуства, познавања и предизвици кои полека но сигурно ја градеа мојата музичка личност и значително помогнаа во креирање на платформа за изразување на мојот внатрешен свет, што е воедно и најголемата мотивација за еден уметник – да го истражи медиумот во кој твори, а притоа вистински да се запознае себеси и да го спознае светот преку уметноста. Која е вашата главна порака до младите кои имаат амбиции професионално да се надоградуваат во музиката? Прво, би им препорачала два пати да размислат дали навистина се гледаат себеси во музичкиот свет. Ако одговорот е да, тогаш им пожелувам трпение, отворен ум, многу работа и доволно среќа. Имаме ли ние доволно публика која ги препознава вредностите на македонските уметници во оваа сфера? Верувам дека имаме. Но она што малку ме разочарува е тоа што немаме институција која ги вреднува уметниците, не само во оваа сфера, туку и во секоја друга. За еден музичар е многу важно да ги задоволи сетилата на публиката, да и подари неповторливо музичко доживување, но секако дека му е потребен еден вид “feedback” од страна на музичките институции, бидејќи како што и сите знаеме само од љубов не се живее, а и љубовта сметам дека не е љубов ако не е возвратена. Бисера Трајковска фото: Дарко Попов  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан