• среда, 13 ноември 2024

Дискусија „Политичко учество на лицата со попреченост“ - во 80 општински совети има само две лица со попречeност

Дискусија „Политичко учество на лицата со попреченост“ - во 80 општински совети има само две лица со попречeност

Тетово, 3 октомври 2023 (МИА) - Панел дискусија на тема „Политичко учество на лицата со попреченост“ во организација на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива се одржа денескa во Тетово. Граѓанските организации порачаа дека треба да се зголеми можноста и луѓето со одредена попреченост да бидат дел од политичкото раководење во институциите на државно и на локално ниво.

- Ние знаеме што ни е потребно, а се донесуваат закони без наше прашање, се носат закони кои на нас не ни одговараат. Носат на своја глава и не нè прашуваат. Време беше да се организира една ваква трибина за да во политичките партии се вклучат и лица со посебни потреби кои потоа ќе влезат во институциите на системот каде ќе носат одлуки без разлика дали ќе бидат советници или пратеници. Треба да се создадат првин услови инфраструктурни за да лицата со посебни потреби влезат во самите институции, изјави Махмуд Изаири, лице со попреченост и активист од Тетово.

На последните избори за нови локални самоуправи во 80 општини, на листите со кандидати за советници имало само девет лица со попреченост, а само во општините Дојран и Струга има по еден избран советник.

- Седумдесет и шест отсто од гласачките места се непристапни, а тоа се училишта, знаеме дека се гласа во училишта во државата и се прашуваме како ќе се образуваат понатаму учениците со попреченост ако училиштата не се пристапни. Лицата со попреченост не се вклучени во телата на политичките партии и ги нема во изборните листи. Од 2016 досега за парламентарни избори има по едно лице од една политичка партија но е на дното на листата. Се знае однапред дека тоа нема да влезе во Парламентот. На локалните избори што минаа имаше девет лица со попреченост на листи од кои двајца беа носители на листи и се сега претседатели на совети во Дојран и во Струга. Ние понатаму ќе бараме квотна застапеност како афирмативна мерка додека биде потребно да има, како што има квоти за пол, националност, ние бараме застапеност на лицата со попреченост и тоа најмалку три лица на една листа, изјави Благица Димитровска од Здружението Инклузива.

Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник во институцијата Народен правобранител порача дека политичкото учество е многу пошироко, од она што значи право на глас.

-Имајќи предвид непристапноста, несоодветноста, непристапноста до материјалите за гласање во конкретниот случај, неусогласеноста на правната регулатива, генерално треба уште многу да се работи. Измените ги имаме предвид на законот за изборниот законик којшто овозможува и лицата со делумна одземена способноста да го остварат правото на глас. Тоа треба да значи да се направат целосно услови, пристапни објекти за гласање, пристапни материјали за гласање, едукација или обука на избирачки одбори. И учество на лицата попреченост во органите каде што се одлучува каде што се креираат политиките во законодавниот дом но и други органи, истакна Бајрамовска Мустафа.

За политичкото учество на лицата со попреченост Здружението Инклузива има одржано обуки со организациите каде членуваат лицата со попреченоста, а ваквите панел-дискусии се одржуваат низ градовите со цел да се запознаат и претставниците на државните и локалните институции. ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан