• сабота, 23 ноември 2024

Димовски за РСЕ: Дојавувачите на бомби се охрабрени, оти не можеме да ги откриеме

Димовски за РСЕ: Дојавувачите на бомби се охрабрени, оти не можеме да ги откриеме

Скопје, 5 март 2023 (МИА) - Дојавувачите стануваат веќе и дрски, оти не можеме да ги откриеме, па така имавме дојава за бомба и во претседателската резиденција, која е навистина обезбедувана. Тие едноставно сакаат ширење на тие гласини, а тие гласини веќе длабоко продираат во нашата свест, вели професор Злате Димовски, од Факултетот за безбедност во интервју за Радио Слободна Европа.

-Навистина ова е голем проблем, за жал, ние се уште го немаме изнајдено соодветниот модалитет и затоа се уште имаме дојави. Затоа што не сме го нашле модалитетот, интензитетот на дојавите за бомби расте. Тие се охрабрени дека не можеме да ги откриеме, не можеме да ги попречиме крајно, што и да ги откриеме, нам ни е да можеме нормално да си живееме, да ги немаме тие дојави за бомби и едноставно што не можеме да ги откриеме, тие продолжуваат со несмален интензитет, вели Димовски.

Во однос на тоа дека слична беше состојбата во Србија и во Црна Гора, но таму тоа се намали и што тие направија, а ние не го правиме како држава, вели дека не е запознаен со тоа што тие направиле.

-Да бидам искрен не сум во тек што направија. Најверојатно изнајдоа модалитети и преку провајдерите, претпоставувам преку Гугл, има одредени можности кои што можат со попречување. Дали тоа е вистинскиот модус којшто тие го применија, навистина треба да се оди на таа размена на информации, итн., во јавност не протече ниту една информација како тие се справија со ваквиот проблем. Очигледно дека ќе мора на државно ниво да се реагира и да се побара нивно искуство, нивно знаење и вештини, коишто тие ги применија во тој контекст, за да се добијат такви податоци како да се постапи и нормално истиот тој модалитет да се примени и кај нас, затоа што го имаме речиси истиот начин на дојави за поставени бомби, вели Димовски.

На прашањето дека неофицијално во Србија на ниво на држава било направено проценка дека дојавите за бомби не претставуваат безбедносен ризик и да не се информира јавноста за тоа и што мисли за таков принцип за справување, вели дека „овој принцип е добар, меѓутоа навистина би било надвор од разумот да го правиме тоа, кога на очиглед имаме дека тоа се случува пред нас“.

-Се случува кај популацијата која најмногу нè засега, кај нашите деца и во одредени јавни институции, и да јавиме и да не јавиме, најголемиот дел од граѓаните повторно ќе дознаат. Целта на оние што го прават ова е фактички добивање на повеќе гласност, таа фама да се шири, и едноставно да го постигнат тој ефект на страв. Постигнат е тој ефект на страв и тие се охрабрени. Реков претходно кога веќе не можеме да ги откриеме, тие веќе се и дрски во своето настапување, па нели имавме дојава за бомба и во претседателската резиденција, што навистина е нешто што би значело дека е дрскост да дојавите таму за дојава за бомба, кога таа институција, тој простор навистина е обезбедуван. Тие едноставно сакаат ширење на тие гласини, а тие гласини веќе длабоко продираат во нашата свест и со тоа постигнуваат одреден негативен психолошки ефект кај нас, вели професорот Димовски за РСЕ. нд/

Фото: Радио Слободна Европа/Принт скрин

 

Остани поврзан