• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„ЕМОФ Скопје 2025“: Придружни подготвителни настани во пресрет на главниот настан налето

„ЕМОФ Скопје 2025“: Придружни подготвителни настани во пресрет на главниот настан налето

Скопје, 4 април 2025 (МИА) - Во Скопје, Куманово и Осиек, Хрватска, од 20 до 26 јули ќе се одржи „Европскиот младински олимписки фестивал - ЕМОФ Скопје 2025“. Тоа ќе биде спој „на тимска работа, единство, младинска енергија и спортски дух“, каде што младите ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, соопштија организаторите. 

„Скопје и Куманово се во финалната фаза на подготовките за најголемиот младински мултиспортски настан во Европа - 'ЕМОФ Скопје 2025', што ќе се одржи од 20 до 26 јули во Македонија. Како дел од традиционалните активности пред секој ваков настан, на 9 и 10 април во хотелот 'Холидеј Ин' во Скопје ќе се одржи семинарот 'Шефови на мисијата' (Chefs de Mission), каде што претставници од 49 делегации ќе имаат можност да се запознаат со градовите-домаќини, спортските објекти и целокупната организација“, се додава во известувањето.

Семинарот „Шефови на мисијата“, се вели, е еден од клучните во подготовките за фестивалот.

- Ова е можност да ги презентираме сите аспекти на организацијата и да размениме искуства со делегациите што ќе бидат дел од „ЕМОФ Скопје 2025“. Нашата цел е да обезбедиме највисоко ниво на организација и гостопримливост, а овој семинар е од суштинско значење за да им овозможиме на делегациите целосен преглед на сите логистички, инфраструктурни и спортски аспекти на настанот. За Скопје и Куманово, како домаќини, ова е извонредна можност да покажеме дека сме подготвени за ваков голем спортски настан и дека можеме да бидеме дел од европската и светската спортска мапа. Со тоа и ние самите можеме да си покажеме дека љубовта кон Македонија и спортот нè сплотува и нè прави посилни од секакви општествено-политички недоразбирања, изјави Александар Богоевски, извршен директор за „ЕМОФ“.

Во пресрет на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин и на настанот „100 дена до ЕМОФ“, којшто ќе се одржи во „Истгејт мол“ на 12 април. Оваа манифестација дополнително ќе пружи поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, а спортско-забавниот дел ќе вклучи турнири во баскет 3х3 и богата интерактивна програма.

„Настанот ќе биде одлична можност за младите да се запознаат со олимпискиот дух и да бидат дел од одбројувањето до почетокот на фестивалот. Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од 'ЕМОФ Скопје 2025'. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану-слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, таеквондо, одбојка, планински велосипедизам и ритмичка гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со уметничката гимнастика, која ќе се одржи во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации“, се соопштува.

Организацискиот комитет ги повикува сите граѓани на 12 април, особено младите, да се приклучат на „100 дена до ЕМОФ“ и да ја почувствуваат возбудата на овој голем спортски настан.  си/са/

Фото: „ЕМОФ Скопје 2025“

Остани поврзан