• среда, 18 декември 2024

Делфини во Мексиканскиот Залив позитивни на кокаин

Делфини во Мексиканскиот Залив позитивни на кокаин

Мајами, 12 декември 2024 (МИА) - Истражувачи тестирале 89 делфини во Мексиканскиот Залив и откриле дека 30 од нив имаат одредено ниво дрога во своето тело, а 24 биле позитивни и на лек против болки, којшто е 100 пати посилен од „Морфиумот“.

Податоци за местата на концентрацијата на кокаин не се објавени. Новиот труд откри и присуство на „Фентанил“ кај овие морски животни. Седативот „Мепробамат“ и мускулниот релаксант „Карисопродол“, исто така, се најдени во мастите на тестираните животни. Испадна дека тие не ги внесувале дрогата и лековите орално - со пиење вода, туку преку кожата. Стручњакот за цицачи, Дара Орбах рече дека фармацевтските производи и дрогата којашто оди како отпад во водите се сериозни микрозагадувачи на светско ниво.

- Нивното присуство е забележано и во слатководните екосистеми, реките и океаните на многу места низ светот. Кога се истражува загадувањето, делфините често се користат како биоиндикатори за здравјето на одреден екосистем бидејќи делфините имаат маснотии богати со липиди што можат да ги складираат загадувачите што ги бараме, појасни Орбах.

Хусеин Абдула, професор по Хемија на американскиот Универзитет „А eнд М“ во Тексас, Корпус Кристи, додаде дека овие наводи подигнуваат „црвено знаме“ за опасност.

- Резултатите од тестот се она што јас би го нарекол - црвено знаме, ние сме загрижени и треба дополнително да истражиме и да видиме колку е навистина голем проблем ова? Дали е ова само случај со делфините во Мексиканскиот Залив или е, всушност, веќе вообичаено во водите ширум светот?, прашува проф. Абдула.

Во јули оваа година, научниците потврдија дека и ајкулите коишто живеат во водите кај Бразил беа позитивни на кокаин.  си/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан