• недела, 10 ноември 2024

Дебата: Пандемијата покажа дека потенцијалот на жените за лидерство е неискористен во светот 

Дебата: Пандемијата покажа дека потенцијалот на жените за лидерство е неискористен во светот 
Скопје, 8 март 2021 (МИА) - Министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната дебата на тема како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19, рече дека влегла во политиката затоа што била жртва на мобинг на работното место. Таа порача дека како Влада, избрана на избори и соочена со здравствените и социоекономските последици од ковид-кризата имале два приоритета - зачувување на секое работно место и адресирање на проблемите на ранливите категории на граѓани што полесно да се справат со пандемијата на Ковид-19. - Пандемијата ги покажа слабостите и на нашето како и на други општества во делот на ранливоста на граѓаните. Јас не би се согласила докрај дека жените беа најранливи. Би рекла дека жените баа и тоа како храбри, свесни и одговорни и во првите борбени редови за справување со пандемијата. Во социјалата и образованието, во најголем број се жени согласно традиционалната улога за грижа за болните, немоќните, и стереотипите во општеството. Меѓутоа, 74 отсто здравствени работници жени, буквално беа на фронтот за справување со Ковид-19. Тие беа храбри, пожртвувани, по 24 часа беа отсутни од своите семејства и стоечки се носеа со битката, рече Шахпаска. Таа потенцира оти не помалку храбри биле и текстилните работнички, кои за разлика од жените во јавниот сектор, заради уредбите со законска сила користеа мерки и работеа од дома, одеа на своите работни места, а тоа е свесност и одговорност дека економијата и во најтешките услови мора да се движи. Министерката ги спомна и жените во трговијата. Шахпаска потврди дека во време на пандемија имало и отпуштања од работа, кршење на работнички права, а како Министерство се потрудиле да воспостават директна врска меѓу работниците и Државниот инспекторат труд за да не се чека на таа долга административни процедура и лесно да ги адресираат пропустите и кршењето на работничките права. Министерката ги спомна петте пакети финансиски мерки на Владата, нагласувајќи дека секој пакет беше, вели, понапреден од пертеходниот, со намера да бидат опфатени што поголем број и повеќе категории граѓани, како што беше директната финансиска помош и ваучерите. И во услови на пандемија кога се губеа работни места, додаде Шахпаска, има висока реализација на Оперативниот план на активни програми и мерки кој Министерството за труд и социјална политика го реализира преку Агенцијата за вработување, со пренасочување на средствата за мерките за кои има поголем интерес, за да овозможиме што поголема апсорпција на лицата кои останале без работа заради Ковид-19, од 10 500 лица кои влегле во овој План дури 44,7 отсто биле жени. Дополнително рече, се обиделе преку законски решенија да овозможат полесен влез на ранливите категории граѓани во системот на социјална заштита коишто во услови на пандемија ги направи уште поранливи. Зголемен е бројот на приматели на социјална помош за 5.500 дополнителни домаќинства и таа бројка сега е 33 500 семејства. Претседателка на Институтот за човекови права и поранешна судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска истакна дека борбата на жената, како и на целото општество кое стои зад неа, треба да продолжи и таа треба да ги остварува сите универзални права. Николовска подвлече дека праксата покажала оти со многуте документи, не е постигната целта, а тоа е жената во општеството да има еднакво место заедно со мажот. - Па ако сакате дури и во ЛГБТ популацијата, жената на некој начин е дискриминирана во однос на мажите, како во делот на борбата, така и во оставруавњето на своите права, рече Николовска. Таа потенцира дека човековите права не познаваат машки и женски права. - Усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на ОН, Европската конвенција за човековите права, Протоколот 12, се документи кои треба да се почитуваат, а правата се еднакви за сите без разлика на полот, вероисповедта, националноста, вели Николовска. - Европскиот суд за човекови права, во многу предмети има констатирано дека теоретското постоење на првата не значи ништо ако тие ефективно не се остваруваат, нагласи Николовска. Таа, повикувајќи се на статија на ОН Жени, изнесе податоци дека жените во нашата држава се 39 отсто од вработеното население, заработуваат 17,9 проценти помалку од мажите на час и се 64,2 проценти од неактивното население. - Учеството на жените во донесувањето на одлуките исто така останува ограничено. Секој напредок, како што е зголемено учество на жените во Парламентот и советите се должи на изборните квоти. Во извршните тела, каде квоти не постојат, застапеноста на жените е мала, вели Николовска. Таа напомена дека во судството ситуацијата не е таква, туку е обратна. Поголем број судии жени се присутни во судската сфера. - Меѓутоа, податоците од другите области, се тие што мене ме загрижуваат. Најмногу заради тоа што зборуваме за квоти. Се создава перцепција дека треба да постои документ со кој треба да им се овозможи инволвираност на жените во овие сфери и тие квоти треба да се исполнат, вели поранешната судијка од Европскиот суд за човекови права, додавајќи дека таа би била среќна кога квотите не би постоеле. Жените во Република Северна Македонија се несразмерно погодени од семејното и родовото насилство. Тоа е повторно еден проблем, кој бара постојано следење и разрешување на тие состојби и самото создавање на некакви комисии, доколку тие ефикасно и ефективно не доаѓаат до одредени резултати, не претставува ништо, истакна Николовска. Директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје, д-р Милена Стевановиќ истакна дека на Клиниката доминираат женски професионалци, а во последните четири години ја раководат две директорки, таа како медицински директор и уште една жена како организациска директорка, кои, вели, ја изнесоа на плеќи сета работа на Клиниката измината година под притисок на пандемијата, како од организациски аспект, така и во спроведувањето на работниот процес. - За да биде се добро организирано, успешно спроведено, да се набави, испланира, организира, процени и тоа се медицински да се спроведе, тоа навистина не е едноставно, не е лесно кога работниот ден ви трае до бесконечност, кога потребите ви го диктираат работниот ден. Секако дека семејството има многу помалку од вас, но приоритетите се приоритети. Во една ваква ситуација ние имавме една генерална вежба, само 5-6 месеци пред да почне пандемијата со Ковид-19 се справувавме со епидемија на морбили, рече Стевановиќ. Таа го нагласи значењето на поддршката што ја добиваме од семејството и во образовниот процес во создавањето на жени лидерки, кои во својата сфера ќе бидат ценети според професионалноста, а не според полот. Секоја една од нас, вели таа, токму со тој сенс женски што ни го дала природата, можеме да се справиме со својата амбиција, мораме да ја имаме, да ја презентираме на опкружувањето за да си ја добиеме шансата. Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија рече дека не треба да се заборави зошто се слави 8 Март и оти тој празник е повеќе од еден ден во годината. - Во многу земји овој празник се поистоветува со Денот на мајката и се заборава на нееднаквата положба на жените низ светот во сите сфери на животот. Досега нема земја која постигнала родова еднаквост. Ако се движиме со оваа динамика, според процените, ќе ни бидат потребни уште 130 години да постигнеме родова еднаквост, нагласи Ивановиќ-Кастаред. Таа напомена дека мажите во светот се 75 проценти застапени во законодавните домови. - Само во 14 држави во светот, 50 отсто од министерските позиции се заземени од жени. Затоа е многу важно да се потенцира значењето на 8 Март, оти жените сè уште го немаат постигнато она за кое почнале да се борат од втората половина на 20 век, а тоа е економска, политичка и социјална рамноправност, односно државите не им го овозможиле истото, вели Ивановиќ-Кастаред. Таа рече дека потенцијалот на женското лидерство не треба да се искористи само сега кога се соочуваме со пандемијата, туку секојдневно и воопшто. - Жените и мажите треба да се надополнуваат секојдневно во сите сфери во животот. Знаеме дека голем процент на вработените во здравството се жени. Но, колку од нив се на одлучувачки позиции, колку од нив имаат поддршка да се справат и со семејните обврски и со работните, колку жените се еднакво застапени и на централно и локално ниво каде се носат одлуки праша претседателката на ОН Жени во Северна Македонија. Таа рече дека пандемијата не научи на нешто непобитно. - Разликата во лидерството покажува разлика и во постапките и носењето одлуки. Сведоци сме и преку насловите во медиумите за тоа какви одзиви има за пандемијата во земјите предводени од жени. Но, во сегашниот пејзаж во кој доминираат мажите, и недостатокот на жени на масата каде се носат одлуките, е очигледен. Светот едноставно губи во неискористувањето на потенцијалот и на жените и на мажите, потенцира Ивановиќ-Кастаред. ир/вг/

Остани поврзан