• петок, 27 декември 2024

Две македонски фудбалски репрезентации добија нови селектори

Две македонски фудбалски репрезентации добија нови селектори
Скопје, 11 август 2021 (МИА) - Дашмир Беари, поранешниот тренер на неколку македонски клубови (Ренова, Гостивар, Дрита, Велазерими), помошник тренер во Ал Раед, Саудиска Арабија и поранешен предводник на македонската селекција до 15 години е именуван за нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години. Новиот селектор на надежната македонска селекција ќе дебитира на клупата на Националниот тим до 19 години на силен турнир во Словенија во периодот од 1 до 7 септември. На пријателскиот турнир во Словенија, покрај нашата и домашната селекција ќе учествуваат репрезентациите на Франција, Русија, Бразил и Саудиска Арабија. - Шанса за ново докажување. И за мене, но и за сите во тимот. Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и тренерската организација за укажаната доверба. Селекцијата до 19 години е една од важните за македонскиот фудбал. Потенцијалот за најголеми репрезентативни достигнувања фудбалерите најчесто го добиваат преку оваа репрезентација. Ќе работам професионално и чесно. Се разбира, во соработка со сите други тренери и селектори на помлади категории сѐ со цел најдобро да го подготвиме тимот. Не очекуваат силни турнири и натпревари, но тоа е прилика за напредок на оваа генерација, изјави Беари. За селектор на женската репрезентација до 17 години е именувана Катерина Милеска, тренер на првакот Деспина, сеуште актуелната репрезентативка на македонската женска репрезентација и рекордерка по бројот на настапи во женската селекција. - Ме радува тоа што сум прв женски селектор на македонска репрезентација. Визијата на ФФМ „Повеќе жени, повеќе голови“ и стратегијата за развој на женскиот фудбал е насочена кон вклучување на повеќе девојки и жени во нашиот фудбал, а јас се надевам дека ќе бидам поттик за дополнителна промоција на нашиот фудбал. Се разбира, со докажување во работата и подобри резултати на националните тимови. Бев вклучена како тренер во селекцијата до 15 години и одлично ги познавам девојките од репрезентацијата. Проблем е тоа што поради здравствената криза немавме собири и натпревари во изминатиот период, но сега ни следуваат два пријателски натпревари против Романија и тоа е убава можност да го видиме нашето ниво на игра. Се надевам дека заеднички ќе ја градиме селекцијата на вистински начин и ќе создаваме репрезентативен квалитет за А селекцијата, изјави Милеска. Таа ќе дебитира на два пријателски меча во Букурешт со Романија на 17 и 19 август. зс/

Остани поврзан