Грозданов: Кочани добива нов лик – стартуваат три капитални инфраструктурни проекти
- Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, го означи почетокот на новиот инвестициски циклус во градот, најавувајќи дека ветувањата на Владата се претвораат во дела. Главниот фокус на денешните активности е изградбата на јужниот булевар, клучна сообраќајница која Кочани ќе го поврзе со експресниот пат Штип – Делчево. Градоначалникот истакна дека оваа делница, која не е обновена уште од југословенско време, конечно ќе биде модернизирана.
Кочани, 13 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, го означи почетокот на новиот инвестициски циклус во градот, најавувајќи дека ветувањата на Владата се претвораат во дела.
Главниот фокус на денешните активности е изградбата на јужниот булевар, клучна сообраќајница која Кочани ќе го поврзе со експресниот пат Штип – Делчево. Градоначалникот истакна дека оваа делница, која не е обновена уште од југословенско време, конечно ќе биде модернизирана.

Дополнително, најавена е изградба на нов мост на Кочанска Река, кој треба значително да го растовари сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Како решение за паркирањето, Грозданов презентираше идејни решенија за катни платформи, со кои градот ќе добие 4.000 квадратни метри нови места за паркирање.
Еден од најзначајните проекти што беа промовирани денес е изградбата на нов потисен цевковод. Со замена на старите цевки, кои се користат повеќе од 50 години, ќе се подобри квалитетот на водата за пиење, ќе се зголеми притисокот и ќе се намалат загубите во мрежата.
Општина Кочани планира и стратешка инвестиција во фотоволтаици за бунарите од каде што се црпи вода, со што трошоците за електрична енергија на КЈП „Водовод“, кои изнесуваат до 60.000 евра месечно, ќе се сведат на нула. Исто така, распишан е тендер за реконструкција на цевководот за геотермална вода, со цел да се спречат огромните топлински загуби и да се овозможи користење на оваа вода за греење и за нови спа-центри.
Градоначалникот Грозданов информираше за тековните активности во Кочанската болница, каде што се работи на расчистување на просторот и зголемување на бројот на паркинг места преку дислокација на модуларната болница.

За љубителите на спортот и младите, градоначалникот најави изградба на затворен базен погоден за натпревари во пливање и ватерполо, како и нова спортска сала во едно од основните училишта. Во социјалната сфера, за три до четири недели се очекува поставување на камен-темелникот за нов старечки дом.
На прес-конференцијата градоначалникот истакна дека Општината работи на нови содржини и на Пониква и на браната Гратче. На Пониква се ревидираат проектите за водоснабдување и канализација, додека кај браната Гратче се подготвува идејно решение за пешачка и велосипедска патека долж кејот на реката.
За безбедноста на работниците во фабриката „Амфенол“, се пробива нов пристапен пат кој ќе овозможи безбедно вклучување на регионалниот пат, избегнувајќи го директното излегување на експресниот пат.

Одговарајќи на прашање за колективната трагедија од 16 март 2025 година, Грозданов истакна дека е во постојана комуникација со семејствата на настраданите и со здружението „16 март – Кочани“.
– Правам сè што е во моја можност и стојам на располагање за сите нивни барања. Мојот ангажман е максимално посветен за да помогнам онаму каде што е мојот домен како градоначалник – изјави Грозданов. ис/вј/
Фото: МИА