• среда, 13 ноември 2024

Герасимовски: Проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ има простор за уште 12 нови корисници

Герасимовски: Проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ има простор за уште 12 нови корисници

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на старите лица, кој се одбележува на 1 октомври, Општина Центар ги потсетува пензионерите, кои имаат потреба од проектот „Нега за стари лица во домашни услови“, дека можат да аплицираат до секој 15-ти во месецот. Преку овој проект, Општина Центар обезбедува вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, негуватели и социјални работници во домашни услови за пензионерите.

Мерката ги опфаќа лицата со полни 62 години без приходи или со примања до 35.000 денари. Таа опфаќа 90 корисници, а во моментот ја користат 78, поради што Општина Центар ги повикува повозрасните кои имаат потреба од овој проект, да аплицираат во општината.

Во писмената изјава на градоначалникот Горан Герасимовски, се наведува дека највозрасните секојдневно се соочуваат со бројни предизвици, како неможност да ги извршат секојдневните активности во домот поради возраст, неподвижност или болест.

- Поради влошена здравствена состојба, дел од пензионерите и немаат асистенција при посета на лекар, немаат помош и поддршка при снабдување на основните прехранбени намирници и немаат средства за ангажирање на негувател во домашни услови. Затоа, Општина Центар ја прошири мерката за да опфати поголем број на пензионери, со цел да им ги олесни пензионерските денови на нашите баби и дедовци, истакнува градоначалникот.

Право на апликација имаат сите лица кои се над 62 години и се жители на општината, со поднесување на фотокопија од лична карта, фотокопија од потврда за примена пензија и фотокопија од медицински документ за здравствената состојба. бд/дма/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан