• четврток, 26 декември 2024

Втор ден собраниска расправа за ребалансот на Буџетот

Втор ден собраниска расправа за ребалансот на Буџетот
Скопје, 12 јули 2022 (МИА) - Во Собранието втор ден се расправа за ребалансот на Буџетот, која согласно Деловникот за работа, може да трае најмногу пет работни дена. Расправата продолжува по редовната пауза дадена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Според пратениците од власта, овој ребаланс е наменет кон човечкиот капитал и подобрување на условите на граѓаните, додека пак, опозициските пратеници посочија дека земјава со брз чекор се движи кон рецесија и сиромаштија. Пратеникот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири рече дека ќе се соочите со уште еден ребаланс, расходите да се доведат на минимум бидејќи е криза. Реагираше затоа што не се прифаќаат амандманите на опозицијата или се прифаќаат во видоизменета форма. Според пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, ребалансот е соодветен и навремен во однос на глобалните текови, предвидени средства за зајакнување на економијата, ребалансот е насочен кон справување со економската криза. - Со овој ребеланс се намалуваат непродуктивните трошоци и сите средства се насочуваат кон човечките ресурси. Се очекува да има и раст на побарувачката на работната сила. Јавниот долг е намален за 3,7 проценти, рече Каевски. Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на седница праша дали платите ја губат борбата со инфлацијата, колкава е реализацијата на капиталните инвестиции. Посочи дека е лага оти непродуктивните трошоци се скратени, бидејќи, како што рече, патните расходи се повеќе, а договорните услуги останале на исто ниво. Санела Шкријељ, независна пратеничка, истакна дека со овој ребаланс предвидени се средства за унапредување на правата на лицата со попреченост, да се стекнат со квалитетно образование и да имаат пристап до пазарот на труд. Се трга староснста граница до 26 години за ослободување од плаќање за партиципација. Во Дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата. Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или се околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од пет проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.фф/аа/

Остани поврзан