• среда, 18 декември 2024

Во Пакистан, и покрај нападите, почна последната кампања за годинава за вакцинација против детска парализа

Во Пакистан, и покрај нападите, почна последната кампања за годинава за вакцинација против детска парализа

Исламабад, 16 декември 2024 (МИА) – Во Пакистан денеска почна последната национална кампања за вакцинација против детска парализа за годинава, соопштија локалните власти.

Вакцинацијата треба да заштити 45 милиони деца од оваа болест.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), Пакистан и Авганистан се единствените две земји во светот каде детската парализа не е искоренета, а од почетокот на оваа година во Пакистан се потврдени 63 случаи.

Последниот круг на вакцинација ќе трае до недела, 22 декември, а Владата апелира на соработка со здравствените работници.

Во Пакистан овие кампањи се спроведуваат и покрај насилството врз здравствените работници кои го следат и контролираат вакцинирањето, како и нивната безбедност, поради тврдењата на екстремистите дека вакцинацијата е заговор на Запад и стерилизација на децата.

Властите распоредија илјадници полицајци за да ги заштитат здравствените работници по известувањата на разузнавачите дека бунтовниците би можеле да ги нападнат.

Вооружени напаѓачи денеска сепак отворија оган врз полицајци кои ги чуваа работниците за вакцинација против детска парализа во градот Карак, на југоистокот на земјата, убивајќи еден полицаец и ранувајќи еден здравствен работник, а во градот Бан, во североисточниот дел на земјата, вооружен мотоциклист пукал и повредил полицаец кој ги придружувал работниците задолжени за вакцинација, соопшти локалната полиција.

Никој не ја презеде одговорноста за нападите, во кои од 1990-тите досега загинаа повеќе од 200 здравствени работници и полицајци, според официјални лица.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф вчера се сретна со лекарите и вети дека Пакистан ќе победи во војната против детската парализа.

Во соседен Авганистан годинава според СЗО се потврдени 23 случаи на оваа болест, а Талибанците во септември ненадејно ја прекинаа вакцинацијата од врата до врата, што ја забави борбата против болеста. јт/

Остани поврзан