• недела, 01 септември 2024

Во масовниот руски ракетен напад врз Украина загинаа најмалку 20 лица, од кои 10 во родниот град на Зеленски

Во масовниот руски ракетен напад врз Украина загинаа најмалку 20 лица, од кои 10 во родниот град на Зеленски

Киев, 8 јули 2024 (МИА) - Најмалку 10 лица загинаа, а 31 се повредени во руските напади врз Кривиј Рих во Украина, со што вкупниот баланс на убиени во масовниот ракетен напад во целата земја се искачи на 20 луѓе.

„Десет лица се убиени, 31 се веќе хоспитализирани – од кои 10 се сериозно повредени. Сите итни, комунални и медицински служби се активирани,“ информираше градоначалникот Александер Вилкул преку социјалните мрежи.

Најмалку 20 лица се убиени ово рускиот масовен ракетен напад врз градови низ Украина, според официјални лица. Во главниот град Киев загинаа најмалку седум лица. Градоначалникот на градот рече дека детската болница била погодена од ракетниот напад и дека е евакуирана.

Шефот на воената администрација во централниот украински град Кривји Рих изјави дека таму биле убиени најмалку 10 лица, а тројца загинале во источниот град Покровск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на Полска, изјави дека Русија истрелала околу 40 проектили на цели низ целата земја. Зеленски, кој треба да отпатува во САД на Самитот на НАТО оваа недела во Вашингтон, потенцираше дека Русија „масовно ја нападнала“ Украина.

Различни градови: Киев, Днепар, Криви Рих, Славјанск, Краматорск. Повеќе од 40 проектили од различен тип. Оштетени се станбени згради, инфраструктура и детска болница, рече тој.

Облаци од чад можеа да се видат низ главниот град Киев, а видео објавено на социјалните мрежи го покажува уништувањето внатре и надвор од детската болница Охмадит. Не е познато дали некој внатре е повреден. Зеленски во објава на социјалните мрежи рече дека луѓето се заробени под урнатините на болницата. Тој додаде дека бројот на повредени во болницата Охмадит е засега непознат.

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев, оцени дека денешното бомбардирање е најголемиот напад врз главниот град од почетокот на војната.

Кривиј Рих е родниот град на Зеленски и постојано беше напаѓан од Русија откако ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Руското бомбардирање доаѓа откако индискиот премиер Нарендра Моди пристигна во Москва во дводневна државна посета на Русија, каде што треба да разговара со претседателот Владимир Путин во Кремљ.

Руско-украинската криза, која започна во 2014 година со анексијата на Крим, ескалираше во 2022 година со целосната инвазија на Украина од страна на Русија. ссм/

фото: Икс (Твитер)

Остани поврзан