• четврток, 26 декември 2024

Пронајдени остатоците и 17 тела од урнатиот руски хеликоптер на Камчатка

Пронајдени остатоците и 17 тела од урнатиот руски хеликоптер на Камчатка

Москва, 1 септември 2024 (МИА) – Пронајдени се остатоците од рускиот хеликоптер „Ми-8Т“ што пред два дена исчезна на Камчатка, а според првичните информации во несреќата на леталото загинале сите патници и членови на екипажот, пренесоа руските медиуми.

Припадниците на руската спасувачка служба пронашле тела на 17 жртви на местото на падот на хеликоптерот „Ми-8Т“ на Камчатка, соопшти денеска прес-службата на руското Министерство за вонредни ситуации.

„Досега веќе се пронајдени 17 тела, но потрагата продолжува“, се наведува во соопштението на руското министерство, пренесуваат руските медиуми.

Хеликоптерот „Ми-8Т“ во петокот полетал од локацијата во реонот на вулканот Вачкажец до локацијата Николаевка, но во договореното време, околу 07:15 часот по московско време, била изгубена комуникациската врска со екипажот на хеликоптерот , во кој имало 22 лица: тројца членови на екипажот и 19 туристи.

Според првичните информации, сите што биле во хеликоптерот се загинати, за руските медиуми соопштија од службата за итна помош.

Остатоците од хеликоптерот се наоѓаат на надморска височина од 980 метри и дека е невозможно до него да се стигне пешки.

Регионалниот министер за вонредни ситуации, Сергеј Лебедев, соопшти дека денеска се пронајдени остатоците од рускиот хеликоптер „Ми-8Т“ што исчезна на Камчатка и дека, според прелиминарните податоци, леталото се урнало.

Хеликоптерот можел да се урне поради грешка на пилотот, велат од надлежната служба за отстранување на последиците од вонредни ситуации.

„Како приоритетна верзија се разгледува пилотската грешка при тешки временски услови. Пилотот не можел да го види ридот во магла и удрил во неговата падина“, се наведува во соопштението.

Се разгледува и можноста за дефект на опремата, но таа можност засега е во втор план. сд/

Остани поврзан