• среда, 18 декември 2024

Костадиновски за МИА: По 33 години, Уставен со новиот Акт почнува реформа во работењето

Костадиновски за МИА: По 33 години, Уставен со новиот Акт почнува реформа во работењето

Скопје, 1 септември 2024 (МИА) – Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за МИА оценува дека Судот во јуни има направено голема реформа кога го донесе новиот Акт, со којшто се унапредува работењето кое претходно 30-тина години беше предмет на критики за манипулативност на судиите, за компромиси со политиката за сензитивни предмети, за бавноста во постапувањето и одлучувањето. 

Една од најважните новини во Актот, кој ќе се применува од денес, како што вели во интервјуто, се ограничувањата и временските рокови за судиите и претседателот на Судот во постапката по предметите. 

- Се предвидува рок од шест месеци за судија известител за поднесување на реферат за седница, во спротивно да ги образложи причините за пречекорување на рокот. Исто така предвиден е рок за претседателот на Судот, доставените реферати да ги изнесе на седница за 30 дена од доставувањето, во спротивно да го извести Судот за пречекорување на рокот. Со оваа битна измена, моќта на судијата известител и на претседател на Судот се ограничува, и моќта преминува во Судот, во одлучување на образложенијата од страна на девет судии. Постапките добиваат цврста временска рамка. И претходно, оваа интервенција во Актот ја нареков „антиманипулативна мерка”. Јавно истакнувам дека доследно ќе ги почитувам одредбите од Актот кој стапува на сила од денес (1 септември), нагласува Костадиновски.

Интервјуто го пренесуваме во целост :

Господине Костадиновски, ова е прво интервју за МИА откако сте назначен за претседател на Уставниот суд. По тој повод ќе ја искористам можноста да го започнеме интервјуто со еден Ваш осврт на досега сработеното. Дали успеавте да наметнете ваше темпо на работа, што променивте и дали сте на вистинскиот пат да почнете со реализација на вашите јавно најавувани приоритети?

- На мојата прва прес-конференција ги обзнанив моите приоритети за кои ќе направам се што е во моја моќ да ги реализирам. Да ја потсетам јавноста кои се приоритетите. Безкомпромисност во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Судот, безкомпромисност во било каков обид за политичко или било каков обид за влијание врз Судот и судиите, судиски активизам, поголема транспарентност и отвореност на Судот, интензивна соработка со науката, интензивна меѓународна соработка, унапредување на уставната и правната култура. Доколку внимателно се анализира периодот од мојот избор, на 4 јуни до денес, за релативно краток период евидентно е дека се одржаа неколку седници со предмети од поширок интерес за јавноста и дополнително најавив дека во септември и октомври на седница ќе ги ставам сите т.н. сензитивни предмети, а веќе за септември се закажани првите две седници и дневниот ред е објавен. Склучив Меморандум за соработка со Правниот факултет и ги исцртавме контурите на соработката за периодот кој следува. Остварив неколку значајни средби со меѓународни претставници кои даваат поддршка за унапредувањето на владеењето на правото и подигнување на заштитните механизми за слободите и правата на граѓаните, за транспарентноста и отвореноста на Судот, а интензивно работам и на меѓународната агенда и календар на средби и размена на посети со други судови за наредниот период. Најавив дека ќе работам интензивно на мојот предлог седниците на Судот во делот на расправата по предметите да бидат емитувани во живо и ќе направам се што е во моја моќ да добијам поддршка од судиите за оваа идеја. За судскиот активизам јавноста веќе во септември ќе има можност да види дека не станува збор за празни зборови. Како претседател и како Суд реагиравме на секој несоодветен или недоличен напад кон Судот или судиите. Овој осврт на досега сработеното јасно укажува на ново темпо на работа и на промени, се поради императивен приоритет кој си го поставив -  враќање на довербата на граѓаните во правната држава и во институциите на системот. 

Бидејќи споменавте важни предмети, меѓу нив како што може да се види од дневниот ред на седницата закажана за 18 септември е популарно познатиот „Балансер”. Што да очекуваме од Судот, ако земеме предвид дека е се поактуелно ова прашање и во политичките кругови. Премиерот најави укинување, министерот за јавна администрација го поддржа во идејата. Иницијативата ја поднесе стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), може ли власта да интервенира или треба да чека Уставен да одлучи со оглед дека Вие имате активен предмет?

- Од Судот може да се очекува расправа во која се надевам дека ќе се презентираат и ќе се судрат уставно-правни факти и аргументи и одлука која ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена. Уставно-правната култура која е суштинска во случаите кога една стабилна демократија настојува да премине во зрела демократија, подразбира почитување на со Устав исцртаните граници на секоја од посебните власти, почитување на Уставот односно со него уредените надлежности и овластувања од секого. Пред Уставниот суд е поставено прашањето и ние сме должни да одговориме, а било кој друг државен орган согласно своите наоѓања може да постапува, да не постапува, да го чека исходот од Уставниот суд, итн. Јас не навлегувам и не е моја работа ниту надлежност да ги коментирам најавите, плановите, реакциите, ставовите на политичарите или на носителите на државни функции поврзани со т.н. „Балансер“.  Само и само доколку секоја од властите правилно го разбере и го почитува начелото на поделба на власта кое е темелна вредност на нашиот уставен поредок, се придржува до надлежностите и овластувањата, ние можеме да зборуваме за правна држава во која владее правото, само така довербата на граѓаните во институциите на системот ќе биде повратена. За жал, нашата уставна реалност, нашата реалност говори нешто сосема друго, односно говори дека предолго време наназад прекршувањето и отстапувањето од оваа темелна вредност резултираше со девастирана правна држава, и огромна, историски највисока недоверба на граѓаните во институциите на системот.

Што може да се очекува од Уставниот суд?

- Веќе кажав, очекувам расправа базирана исклучиво на правни аргументи, и одлука на Судот како израз и резултат на уставно правна-анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или било какво друго расудување. Само таква одлука, правно аргументирана и образложена може да влијае на довербата на граѓаните во владеењето на правото. Државна институција е подносител на таа иницијатива, прашањето што е поставено пред Судот несомнено создава дилеми во нашето општетство, наша должност е да ги отстраниме таквите дилемии на правно-авторитетен начин што ќе биде прифатено од секој. Но, да не прејудицираме, за краток период, јавноста ќе има можност да ги слушне сите факти и докази, аргументите на судиите и на Судот.

Има уште еден интересен предмет во најава за одлучување, а тоа е Законот за јазици. За тој предмет јавноста долго време говори и очекува одлука со оглед дека е оформен од 2019 година. Очекувањата се да има одлука во брзо време со оглед дека претходната претседателка најави дека имате Заклучок да биде изнесен предметот на расправа. Хипотетички, каква и да е одлуката ќе има незадоволни граѓани. Ќе успее ли Уставниот суд мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата особено по информациите на премиерот за можни безбедносни предизвици оваа есен?

- Станува збор за сложен и обемен предмет составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Предметот го работеа неколку судии, а јас сум веќе четвртиот претседател на Судот кој ќе ја има можноста предметот да го изнесе на седница. Во однос на исходот, ќе се воздржам од лично мислење иако имам став по ова прашање уште кога ни беше поделен првиот реферат. Јавноста и за овој предмет ќе може да ги слушне аргументите бидејќи ќе биде на дневен ред на Судот во првата недела на октомври.

Но, во однос на вашето прашање дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата, како и можните безбедносни предизвици, дозволете ми за вас и за јавноста, да ја искористам оваа прилика и да дадам свое видување и колку што дозволува просторот, појаснување.  

Свесни сме дека Уставниот суд го носи најголемиот товар да одлучи-пресече за какво било деликатно прашање, но затоа и постои Судот. Не само нашиот Суд, сите уставни судови од време на време се соочуваат со општествено сензибилни предмети во кои одлуката може да има општествено политички импликации, и токму затоа во уставното судство постои она што се нарекува „одлуката на Уставниот суд да не одлучува е одлука”. Како еден од судиите со најдолг стаж во актуелниот состав сведочев за повеќе вакви ситуации. Но, искуството ми укажа на две важни работи, кои се важни и за мојот мандат како претседател. 

Прво прашање е: Дали одлагањето на одлуката по одредено прашање во име на сензибилноста и можните општествени реакции и импликации е оправдана и дали ја постигнала својата цел? Не, сензибилноста по такви прашања не се лимитирани со временска рамка, сензибилноста не се намалува со протекот на време, тие биле и се уште се сензибилни предмети и пред 4 години исто и денес, и од тој аспект подобро и поздраво е Судот промптно без калкулации да одлучува, исклучиво со уставно-правни аргументи и затоа како пртетседател со ова искуство ќе се залагам за што е можно побрзо одлучување за предметите без разлика на степенот на нивната сензибилност.

Второ исклучиво релевантно прашање и за Судот и за овие важни предмети за кои зборуваме, но и за правната држава е: Дали како општество сме подготвени и зрели да се соочиме и со одлуки на Судот, кои секако се од висок јавен интерес. Односно треба да бидеме искрени и сами да си го поставиме прашањето дали сме стабилна демократија, дали е неопходно и нужно да го направиме исчекорот и преминот во зрела демократија? Мојот став е јасен. Мојот став е дека е нужно, дека е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија. Нашата уставна реалност според мене е дека живееме во демократијата која е стабилна, но не е зрела се уште. Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, силно почитување на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции кои го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните. И зрелите демократии можат да се соочат со периоди на нестабилност но при тоа тие не го губат својот основен демократски карактер.

Оттука не може и не е дозволено македонското општество да „трепери” очекувајќи ја одлуката на Уставниот суд по одредено прашање. Не може бројни политички актери претпладне од уста да не ја вадaт заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски, итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одликите на Судот да се повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок.

Одлуките на Судот не треба да се гледаат ниту како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, тие треба да бидат прифаќани и да бидат оријентир, рамка за делување согласно наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат, нивните дејствија, прописи или одлуки бидат усогласени со Уставот.

Судот во својата уставно-судска практика до сега има дадено авторитетни правни толкувања на сите темелни вредности, принципи начела, им има дадено содржинска смисла во нивните манифестации, доволно е останатите власти да ја следат почитуваат и применуваат таквата практика и одлуките на Судот. Одлуките на Судот, во кои е оценувана материјалната, формалната уставност, ставовите на Судот по бројни предмети го легитимираат правото. Уставниот суд е на врвот на пирамидата која се вика владеење на правото, тој е најповиканиот да рефлектира правна сигурност, усогласеност во правниот поредок. За тоа постојат уставните судови, ништо повеќе ништо помалку.

Тоа е мојот одговор до вас, а истовремено апел до граѓаните, државните органи, политичарите, ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди, за владеење на правото, да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика, да ги усогласат со вистинските потреби на граѓаните за зрело демократско општество како најпожелно за нив. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните. Доколку одлука на Судот по овој или било кој друг предмет може да ги наруши, како што велите, политичко-етничките односи тогаш се поставува прашањето дали сме воопшто и стабилна демократија? 

Крупни промени се направени откако е влезен Законот во сила, сите институции ги сменија и таблите вклучувајќи го Уставниот суд, очигледни се проблеми при имплементација еве на пример во судството имаше еден предмет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО)  пред неколку години кој беше блокиран бидејќи адвокатот бараше се да му се преведе на албански јазик иако во судница има обезбедено преведувач. Државата очигледно нема капацитет во секој суд во секој град да преведува документи на различни јазици од македонскиот. Можно ли е Уставниот суд да се „фати” за одредени области кои се покажале попроблематични во пракса, а не и за целиот Закон?

- Како што истакнав, со тој Закон политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам. Свесни сме за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незаодоволни. Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава било каков коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде оријентир, рамка за делување на законодавецот. Факт е дека Законот се применува и дека создава проблеми во примената како што рековте, од тој аспект од 1 септември со стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, со цел да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд има можност со евентуална одлука за поведување постапка да одреди временски рок во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани евентуалните уставно проблематични одреби во рок не подолг од шест месеци. Јас не можам да предвидам дали до тоа ќе дојде!

Накусо за крај за овој предмет, да очекуваме „политичка” одлука на Уставниот суд ако тоа е цената на мирот во државата, со оглед дека се засегнати коалициските партнери, не само во актуелната туку и во секоја влада ако се земе предвид составот?

- Уставниот суд во никој случај не носи политички одлуки, туку уставни одлуки кои несомнено влијаат на важни политички прашања и процеси во државата и тоа е факт. Клучно за вакви предмети е она што веќе го истакнав, прво да се одлучуваат на време, да не се чуваат во фиока со години, бидејќи на тој начин и самото неодлучување на Судот е некаква одлука во поткрепа на политичките компромиси. И второ е прашањето на демократската зрелост, ако станавме членка на НАТО, ако сме спремни да преговараме со ЕУ, тоа значи дека веќе споделуваме вредности кои се карактеристични за стабилна демократија, а во преминот кон зрела демократија мора да научиме дека одлуките на Уставниот суд треба да бидат прифаќани и почитувани како одлуки во кои нема да има емоционални, политички аспекти, верски или етнички, туку чисто правни аргументи.

Одлуките на Судот и силата на аргументите во нив се директен придонес во обезбедувањето на владеењето на правото како наголем предизвик во нашата општествена реалност денес, во овој момент. Веќе имам истакнато највисок чин на патриотизам и лојалност кон нашата татковина денес е уставниот патриотизам кој подазбира владеење на правото.

Кога зборуваме за мир во куќа и политички компромиси, не може да го изоставиме предметот со т.н. „Хашки случаи“ кои ја вознемируваа јавноста пред дваесетина години. Уште еден тежок предмет за Уставниот суд, кој се уште е актуелен. Кога може да се очекува одлука од Судот?

- Во однос на аспектите одлучување за мир во куќа и политички критериуми мислам дека го дадов претходно одговорот и мојот став за вакви тешки важни прашања. За сите и што се актуелни, и за сите во иднина што ќе се појават пред Судот, мојот став е ист.

Временски одлагања нема да го намалат интересот и сензибилноста, напротив само ќе ја намалат довербата кон Судот и правната држава. Одлуката каква и да биде треба да биде прифатена, почитувана во согласност со карактеристиките на зрела демократија, во интерес на правната држава, и во интерес на се што претходно истакнав и за „Балансерот“ и за Законот за јазиците.

Предметот кај нас е оформен во февруари оваа година по поднесена иницијатива од политичар. Очекувам од тимот кој го работи набрзо да ми биде доставен за да го предложам на седница за да се дискутира. И нема да има и во суштина повеќе и неможе да има манипулација со чување на предмети во фиока.

Пред да го завршиме овој блок прашања за актуелни предмети на Уставниот суд, може ли Судот во некоја од наредните седници да изненади со одлука за казните на функционерите од Кривичниот закон (КЗ)?

- Во оној момент кога судијата известител ќе го достави до мене рефератот, истиот ќе биде ставен на дневен ред за расправа согласно новиот Акт. Реков нема повеќе чување предмети. Во наредниот период секој т.н. високопрофилен или од интерес за јавноста предмет ќе биде расправан, а таков е случајот со Законот за електронски комуникации, Законот за солидарност, „Балансер“, Закон за јазици, итн.. Истото важи и за идните вакви или слични предмети. Претходните мои стојалишта се однесуваат и на овој предмет.

Од погоре споменатите предмети поконкретно за времетраењето на некои постапки има чести реакции во јавноста и тоа на некој начин ја креира сликата дека правдата во државава е бавна. Вие најавивте дека од септември со новиот Акт ќе имате можност да влијаете и да ги скратите постапките. Може ли да појасните на кој начин ќе го решите тоа?

- Знаете дека Судот во јуни направи голема реформа кога го донесе новиот Акт, со којшто практично е унапредено работењето кое претходно цели 30тина години беше предмет на критики за манипулативност на судии, на претседател на Судот, за компромиси со политиката за сензитивни предмети, за бавноста во постапувањето и одлучувањето, итн.

Токму во тој веќе стар Деловник, ние констатиравме доста слабости, па мотивирани да го подобриме работењето интервениравме со новиот Акт во којшто изгласавме одредби со кои се зголемува ефикасноста на Судот во одбрана на уставноста и слободите и правата но и да ја гарантира независноста и самостојноста.

На пример, она што го спомнав веќе и е добро познато во уставното судство, „дека одлуката на Судот да не одлучува, е одлука”, поради сензибилноста на прашањето што е поставено пред Судот, сега добива временска рамка.

Една од најважните новини е ограничувања и временски рокови за судиите и претседателот на Судот во постапката по предмети. Се предвидува рок за судија известител за поднесување на реферат за седница од шест месеци, во спротивно да ги образложи причините за пречекорување на рокот. Исто се предвидува рок за претседателот на Судот за доставените реферати да ги изнесе на седница во рок од 30 дена од доставувањето, во спротивно да го извести Судот за пречекорување на рокот. Со оваа битна измена моќта на судијата известител и на претседател на Судот се ограничува, и моќта преминува во Судот, во одлучување на образложенијата од страна на девет судии. Постапките добиваат цврста временска рамка. И претходно оваа интервенција во Актот ја нареков „антиманипулативна мерка”. Јавно истакнувам дека доследно ќе ги почитувам одредбите од Акот кој стапува на сила од денес (1 септември).

На темата Акт на Судот исто така најавивте дека ќе изготвувате посебни извештаи со кои ќе ги известувате институциите, односно оние кои носат акти, дека треба да ги дополнат законите ако на пример се работи за Собрание, општините за некои нивни акти итн. Што ќе се промени со оваа новина? 

- Исклучително битна новина. Впрочем повеќе битни новини има. Едната веќе ја споменав. Да појаснам, со новиот Акт постои можност ако Судот поведе постапка за уставност и законитост на некој пропис, да определи рок од најмногу шест месеци до носителот на оспорениот пропис да го измени или дополни истиот во согласност со наодите и аргументите на Судот за да не настане правен вакум или последица за граѓаните кога Уставниот суд на пример ќе го укине. Доколку доносителот на актот не постапи, Судот ќе ја донесе својата одлука но граѓаните ќе знаат дали и како некој државен орган се грижи за нивните слободи и права.

Друга значајна новина е можноста Судот да изготви и усвои посебен извештај за континуирано неуставно или незаконско постапување на некоја од властите до која би дошол низ редовната надлежност постапувајќи по предмети. Значи, предвидено е Судот следејќи го остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот по свое наоѓање да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита што ќе го достави до надлежниот орган.

Веќе на работниот состанок на Судот на 4 септември, јас лично ќе предложам на Судот подготовка на такви посебни извештаи и тоа три. Едниот се однесува за сите власти и поврзан е со уставно толкување на институтот vacatio legis, другиот се однесува на постапувањето на органите на локалната самоуправа и видовите прописи кои можат да ги донесуваат, и третиот се однесува на законодавецот и неговата надлежност навремено да ги корегира техничките номотехничките пропусти во законите за да не продуцираат правна несигурност. Со оваа можност сериозно сметам дека ќе се влијае на уставната дисциплина, дека ќе се унапреди заштитата на слободите и правата на граѓаните, и сето ова недвосмислено ќе помогне во владеењето на правото.

За прв пат во државава не само граѓани туку и правни лица ќе може да поднесат барање за заштита на слободите и правата. Може ли да објасните оваа промена?

- Се менува кругот на подносители на барање за заштита на слободи и права и наместо досегашното кое гласи „секој граѓанин”, подносители ќе може да бидат и правни лица. Исто така за прв пат и странски државјани може да се жалат пред Уставниот суд доколку се обесправени во некое право. 

Дали и на кој начин Уставниот суд може да води сметка дали се почитуваат Вашите одлуки?

- И ова прашање е исклучително значајно и поврзано со новиот Акт на Судот. Во него предвидена е можност Судот да бара извршување на одлуките кои ги донел на предлог на секој кој има правен интерес од тоа. Дополнително на сериозност на нашите одлуки кои се последен збор во општеството упатува и тоа што непочитувањето на наши одлуки предизвикува кривична одговорност и тоа е предвидено и во Кривичниот закон. Ова е тема која е исклучително значајна за обезбедување на владеењето на правото. Не случајно токму оваа тема е предмет на мојата нова книга Лојалност кон Уставот 4, извршувањето, примената и почитувањето на одлуките на Уставниот суд. Со Актот се уредува кога настапува извршноста, се предвидува обврска за Судот да го следи извршувањето на неговите одлуки, се предвидува можност да се бара извршување на одлуките не само од самиот Суд туку и од секој кој има правен интерес за тоа, Судот може да го определи начинот и рокот на извршување на одлуката или да донесе посебно решение за начинот на извршувањето, можност да утврди дека неговата одлука не е извршена, итн. 

Се чини дека одредени прашања долго време ја брануваат јавноста и се на меѓата помеѓу политичкиот упад во независноста на судството и решителноста на Владата за расчистување со непрофесионалноста и нестручноста. Тука алудирам на најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Ќе згреши ли власта ако ги распушти?

- Јас веќе јавно го имам искажано мојот став. Ако ги повикувам и барам од сите власти да се придржуваат да своите надлежности, јас сум првиот кој мора да го прави истото. Нема дилема дека новата власт е дојдена со програма која добила легитимитет од граѓаните, и сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност да ги нормираат општествените односи или во веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени или дополнувања на одредени уставни или законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи.

Она што за мене како претседател на Уставниот суд е битно, не е да ја ценам целисходноста на нивната намера, ниту пак сум овластен да давам предлози решенија кои би биле уставните решенија, тоа не е надлежност на Уставен суд, наша надлежност е тоа што ќе се нормира ако проценат дали во оваа област или во било која друга област ќе има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин, на секоја институција е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за Вас, за Владата, за Собранието, за сите.

Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот. Јас и Судот сме надлежни да го чуваме Уставот. Јас не би сакал да се најдеме во состојба предлагачот и доносителот на измените на новините на оваа тема да биде поздравен од граѓаните кои ги легитимираат за тоа, а Уставниот суд доколку решенијата се уставно проблематични да биде перципиран како кочничар на реформите или промените. Едноставно е се надевам дека и Владата и законодавецот не само на оваа тема на било која друга ќе се држат до рамките на Уставот и неговите темелни вредности како поделбата на власта во конкретниот случај.

Од друга страна нашиот Устав во член 58 ја утврдува стручноста и компетентноста како уставен принцип. Јасно е дека доколку огромен број наши сограѓани увидуваат и поддржуваат промени истите соодветно да се адресираат.

Но, колективната одговорност на цели органи во една правна држава е исклучително проблематична. Секогаш без исклучок индивидуалната одговорност доколку се утврди, по било каков основ, корупција, тргување со влијание, злоупотреба на службената положба и овластување, прекршување на законите итн, во рамките на кое било тело, убеден сум дека ќе има подобар ефект за зголемување на принципите на одговорност генерално, позитивно ќе влијае на довербата и правната држава отколку колективната одговорност која може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период.

Нашето законодавство во огромна мера е усогласено со европското. Сметам дека постојат и уставни, и законски можности и механизми за справување со лошите работи и во правосудството и во било која друга област, без приотоа да се отстапи од уставните рамки. И за тоа е потребна волја и одговорен пристап. 

Но, што сметам дека е уште позначајно од евентуална реформа која би се однесувала на нови уставни законски решенија, тоа е реформа на менталниот код, неопходна ни е реформа во менталитетот која ќе ги уважува уставната, правната, судската, политичката, интситуционалната култура правилно, и тоа во во секоја една област. Предолго гледаме уставни, законски, подзаконски реформи, а состојбата е само полоша и полоша, што упатува на овој неспорен факт, на неопходноста од реформа на менталната свест која започнува од секој поедеинец посебно, секоја фела посебно, секоја институција посебно, и на сите заедно. 

Исто така едно од подолго актуелните прашања е зголемувањето на платите на функционерите за 78% кое е предизвикано по одлуката на Уставниот суд да укине две одредби од тој Закон. Може ли сега да се интервенира повторно?

- Видете, сметам дека неосновано и без аргументи се напаѓаше Уставниот суд за таа одлука. Можам да го разберам револтот на граѓаните, нивните критики, но  никако не ги прифаќам реакциите и квалификациите на некои од највиските државни функционер кои за да се додворат на граѓаните со недолични изјави ја критикуваа одлуката и уставните судии.

Прво, како и за бројни прашања така и за ова пред Судот се постави прашањето за уставноста на одредби од Законот за плати на избраните и именуваните функционери. Уставниот суд ја ценеше уставноста и одлучи, и одлуката е апсолутно правнички издржана.

Измените и дополнуањата кои биле направени во Законот без при тоа да се отстрани важечкото правило за пресметка на платите, ја загорозува правната сигурност и владеењето на правото, на начин што органите можат на арбитререн начин да ги применуваат или едното или другото и тоа да доведе до повреда на правната сигурност, до нееднаквост на граѓаните итн.

Второ, Уставниот суд свесен за нашата економска реалност беше и општествено коректен на некој начин, тој донесе укинувачка одлука со дејство кон иднината, а не поништувачка иако таква би била единствено исправна за да ги отрани последиците по правата на граѓаните, што ќе предизвикаше сериозна фискална импликација за државата. Понатаму, никој на граѓаните не им објасни дека без второто правно правило платите на таа категорија работници природно би го достигнала износот до кој дојде по нашата одлука. 

Трето, ако ме прашувате дали Уставниот суд е тој кој што треба повторно да одлучува, Уставниот суд веќе одлучи. По нашата одлука надлежноста за било какво постапување преминува на овластените органи, предлагачи, доносители на закон, односно Владата и Собранието и видовме дека интервенираа во Законот со намалување на коефициентите со цел да се намали револтот кај граѓаните. Оваа можност ја имаа уште првиот ден по нашата одлука. Ете видовме дека беа направени измени, истите беа оспорени во поглед на намалувањето на коефициентите на судиите и обвинителите, Уставниот суд одлучи дека нема неуставност. Така да и во овој конкретен случај бевме сведоци на ниска уставно-правна, политичка култура од некои чинителни, но и на манипулативност кон граѓаните од страна на тие чинители. 

Кога сме на тема плати, бевте жестоко нападнати од Здружението на судии дека одлуката Ви е неуставна и дека со тоа што не ги укинавте интервенциите на Собранието при пресметка во бодувањето на платите на судиите, вие како Суд сте се додворувале на власта. 

- Дел од реакцијата на Здружението на судии, употребените зборови, и вредносни квалификации за Судот и судиите, апсолутно не соодветствуваат со уставната, правната и судиската култура кои се насушно потребни за враќање на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот. Jавноста го мери секој збор искажан од избрани или именувани функционери и врз основа на тоа гради став и перцепција. И во конкретнава ситуација што мислите како граѓаните ја перципираат реакцијата на Здружението на судии на кое не му се допаѓа одлуката  на Уставниот суд и истата ја квалификува како додворување кон власта! Дали мислите дека вакво ниво на комуникација е во насока на враќањето на довербата на граѓаните? Апсурд. Ете тоа е класичен пример на уставно-судска институционална некултура. Не би сакал да навлезам на такво ниско ниво на комуникација, јас применувам сосема поинакво ниво на уставна и правна култура. Веќе кажав, приоритет над сите приоритети ми е враќањето на довербата на граѓаните во правната држава. 

На ова ќе се надоврзам и за перцепцијата за доверба во судството. Како сега од оваа точка да го подигнеме угледот на судството и на системот?

- Комплексно е прашањето, но во сржта на проблемот има неколку пилари. Според причината за состојбата во која сме денес е ниската политичка култура, правна и уставна ако сакате. Сите тие резултираа со дисбаланс и сериозна предоминација на една од властите врз сите останати власти, имено со извршната над законодавната и судската.

Последица од таквата состојба природно е политизација на целокупниот државен систем, а политизацијата и партизацијата на системот неминовно води кон партиска послушност, клиентелизам, корупција, фактички институциите стануваат слаби, послушни на еден или неколку центри на политичка моќ. Тие не се лојални на Уставот, тие се лојални на партиските моќници. Затоа бројките за недоверба соодвествуваат со реалноста.

Ќе го подобриме угледот кога секоја од властите ќе се придржува до со Устав исцртаните граници на поделба на власта, тоа неминовно ќе води до намалување на политизацијата, а ќе влијае позитивно на политичката, првната, судската култура и во таков амбиент ќе имаме силни и независни власти и институции. Во таков амбиент судската власт самата ќе се справува со предизвиците и условно кажано „лошите” судии, самото ќе се прочисти. Во такви околности природно ќе се имплементира мерит системот, односно стручноста и компетентноста ќе бидат клучни во секоја област, во судството - при прием во академија, избор, унапредување на судиите, а не волјата на некој политички моќник, партиски, економски или каков било. 

Веќе кажав за мене пред реформата во прописите, попотребна е реформа во менталитетот. Кредибилитетот и угледот, стручноста и компетентноста не се нормираат и не можат да произлезат од пропис, тие се лични карактеристики кои се развиваат во текот на животот и во професионалната кариера. Чувството за одговорност, лојалност е исклучително важна кај сите носители на одговорни државни функции, во сите власти на системот.

Но за овие карактеристики да се развиваат и унапредуваат потребен е погоден соодветен општ амбиент. Досегашниот амбиент продуцираше спротивни од овие, афирмираше искривени вредности. Станува збор за систем, механизам, и станува збор не само за судството, напротив мерењата на јавното мислење не покажува драматично поголема доверба за останатите власти, законодавната и извршната.

Значи, недовербата е во целокупниот систем, и сега тој систем мора да се преобрази, престрои за да даде резултат. Која е целта ако хипотетички довербата во правосудството е да речеме 50 %, а во законодавната или извршната 2%, и дали е тоа воопшто можно? Дали е можно недовербата во правосудниот систем да биде 2%, а сите останати власти од системот да се иземат од одговорност за таквата состојба? Невозможно! Зборот ми е станува збор за меѓусебно зависни и условени чекори за излез од состојбата.

Најавивте поголема транспарентност со емитување на седниците во живо, тоа е стратешка цел. Што значи за угледот на Судот но и за системот овој начин на враќање на довербата?

- Транспарентноста ја подразбирам како нужност и ја согледувам од неколку аспекти. Потребата да се информира јавноста, паралелно со тоа и да се едуцираат граѓаните. Транспарентно и одговорно работење значи темелно прикажување на нашата работа, а за возврат очекувања за подобар углед и подигнување на репутацијата на Судот.

Истовремено, тоа е алатка за  борбата против лажни вести. Уставниот суд е искрен во намерите да се отвори во целост кон граѓаните, а факт за тоа е што транспарентноста е поставена на ниво на стратешки приоритет. И дека сме на вистинскиот пат ни потврдија новинарите кои учествуваа во анкетата која ја спроведе Уставниот суд. Не е за потценување 98% од испитаните 90 новинари кои велат дека се задоволни од информирањето на Уставниот суд. Ги следиме насоките кои се дадени во тоа истражување и најголем дел упатуваат да се задржи овој начин на информирање, да се продолжат прес конференциите како добро прифатена пракса.

Но, она што е клучно, што јас го имам поставено како приоритет е можноста седниците на Судот во делот на рсправата по предмети да се снимаат во живо. Јас сум убеден дека повеќекратни се придобивките од оваа новина за која се залагам која меѓудругото постоела во минатото.

Прво, граѓаните кои имаат право да знаат и да ги слушаат кој се уставните судии и како тие расправаат и одлучуваат за нивните слободи и права. Второ, самите судии ќе бидат заштитени од можноста за селективно, манипулативно пренесување на нивни ставови во јавноста. Трето, и судиите и стручната служба кога ќе знаат дека нивната работа ќе биде емитувана во живо, убеден сум дека пристапот и одговорноста кон работата ќе биде на повисоко ниво. Четврто, убеден сум дека голем процент на наши граѓани не ги знаат надлежностите на Судот, ова е можност одблиску да се запознаат и со надлежностите и со правното резонирање со постапувањето на Судот, итн.

Убеден сум дека ова новина недвосмислено ќе го зголеми угледот и кредибилитетот на Судот, а последица од тоа е зголемување на довербата во Судот и правната држава. Ќе продолжам со овие аргументи да разговарам со судиите и се надевам дека наскоро ќе биде донесена и оваа одлука. Знам дека и во Врховниот суд сериозно размислуваат за идентичен пристап, и ја поздравувам нивната одлучност и намера.

Деновиве од печат излезе книгата „Лојалност кон Уставот” од уставниот судија Дарко Костадиновски.

Во вашите книги пишувате доста и за довербата во судството и за Уставот и неговата примена, а во нив се опфатени ставови од Вашите издвоени мислења за кои сте практично и рекордер по пишување во изминатите години во Уставниот суд. Поттикнаа ли некоја промена во општеството?

- Во однос на издвоените мислења кои се 50 на број откако сум уставен судија, сметам дека се една предизвикувачка бројка за сите сегашни и идни колеги со цел да се поттикне што поаргументирана дебата.  

Златните правила за издвоените мислења се истите да не бидат навредливи, да немаат ad hominem карактер, туку со силата на правната аргументација и правното резонирање тие станат мнозински мислења или да предизвикаат законодавна реакција. Горд сум што ете во моите 50 мислења имам такви/ на пример моето издвоено мислење за одредби од Законот за Коридорите 8 и 10, во однос на работното време стана подоцна мнозинско мислење. Истото се случи и со моето издвоено мислење за членот 163 од Законот за банки. Понатаму моето издвоено мислење за одлуката за мораториум во Центар предизвика законодавна реакција со измени и дополнување на Законот за урбанистичко планирање. Има и други, и посебно е задоволството кога издвоеното мислење ќе ја постигне целта.

Сите мои издвоени мислења се вметнати во моите стручни книги Лојалност кон Уставот, 1, 2 и 3 каде имам и научен и стручен осврт на исклучително важни уставноправни прашања, како теоретскиот и практичниот осврт на издбвоените мислења, толкувањето на Уставот, теоријата на живиот конституционализам. Во четвртата која е во финална фаза веќе кажав централна тема е извршувањето и примината на одлуките на Уставниот суд.

Кога бев избран за судија си поставив цел дека ќе напишам пет продолженија на темата Лојалност кон Уставот и таа цел ќе ја остварам. Сакам да оставам траг и наследство за сегашните и идните мои колеги, за правната наука, уставното судство.

Даниела Маркоска Алексовска

Фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан