• среда, 13 ноември 2024

Во Куманово по 12-ти пат Детски ликовен камп „АСНОМ 2022“

Во Куманово по 12-ти пат Детски ликовен камп „АСНОМ 2022“
Куманово, 30 јуни 2022 (МИА) - Триесетина ученици од кумановските основни училишта учествуваа на 12 по ред детски ликовен камп „АСНОМ 2022“ кој годинава се одржа во комплексот „Грација“ во Куманово. Организаторите, општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт денеска им доделија благодарници на учениците. Околу стотина дела, слики, графики, скулптури беа изработени изминативе денови од младите уметници. - Се работеа четири техники и имаме навистина многу дела, дел се овде изложени, имаме и дела кои не се изложени, меѓутоа најверојатно во месец октомври ќе се случи таа биенална изложба кога ќе бидат изложени сите дела настанати и во текот на овој детски ликовен камп и на делата од кампот што се одржа минатата година, ијзави директорот на Фондација за култура и спорт, Марио Арангеловски. Гости на овогодишниот ликовен камп беа Павел Милановски од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, Матеј Божиновски студент на Факултет за дизајн на ентериери и Андреј Антевски, студент на Факултет за ликовна уметност во Скопје, сите тројца поранешни истакнати учесници на кампот АСНОМ. Дел од настанот беа и корисниците на дневниот центар и на центарот за лицата со интелектуална попреченост „Порака наша“. - Кога има вакви резултати, добри резултати за целата општина секако дека ќе ги поддржиме ваквите манифестации. Има прекрасни дела, различни теми, а тоа е и убавината на разноликоста, различни техники, менторите се потрудиле се да употребат овде, изјави претседателот на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска. Учесниците на ликовниот камп имаа можност да творат на слободна тема. Менторите, ликовните педагози Елена Спасевска Мило и Симона Јакимовска посочуваат дека се задоволни од она што е реализирано. - Јас сум презадоволна од се, од дружбата, од работата, од делата коишто излегоа од рацете на учесниците. Оваа година имавме и рекорден број на учесници, 32 ученика и плус гостите, има околу сто дела, изјави Елена Спасовска Радошевиќ, еден од менторите на детски ликовен камп. Учениците истакнаа дека секогаш со задоволство учествуваат на ликовниот камп АСНОМ, потенцирајќи дека ова е одлична можност да се едуцираат, дел од нив веќе се определиле и ќе продолжат со образованието во овој правец. Уметничките дела создадени на ликовниот камп во Пелинце ќе бидат подарени на регионалниот центар „Порака наша“.ам/бт/  

Остани поврзан