• среда, 21 јануари 2026

Во Битола се одржува музички камп за млади „Етно Македонија“

Во Битола се одржува музички камп за млади „Етно Македонија“

Битола, 22 јули 2025 (МИА) - Музичка младина на Македонија по петти пат организира интернационален музички камп „Етно Македонија“, на кој годинава во Битола учествуваат млади музичари од Македонија, Србија, Данска, Финска, Хрватска, Унгарија, Перу, Шведска и Шпанија.
Во рамки на кампот се подготвуваат 13 композиции од различни краишта на светот, кои ќе бидат изведени на завршниот концерт што ќе се одржи на 25 јули, на платото пред Офицерскиот дом во Битола, како дел од програмата на фестивалот „Илинденски денови“.

-Секоја година е вистинско задоволство да се организира „Етно Македонија“. Овој камп покажува колку музиката може да биде моќна алатка за поврзување на луѓето, без разлика на потекло, јазик или искуство. „Етно Македонија“ не само што нуди простор за музичко истражување и интеркултурен дијалог, туку и ја претставува Битола како отворен град-домаќин, каде традицијата и младешката енергија создаваат магија, истакна Верица Ајтовска, координаторка на меѓународниот камп.

Програмата „Етно“ се реализира во над 45 држави ширум светот и на тој начин македонските песни се свират и слушаат и во Босна и Херцеговина, Унгарија, Јужна Америка…, а со престојот во Битола, учесниците имаат можност да ја запознаат и македонската култура преку специјално осмислена програма традиционални танци, локална кујна, прошетки низ Широк Сокак и Битолската чаршија, посети на значајни знаменитости и неформални дружења, информираа од Музичка младина на Македонија. 

-Свирам саксофон и предавам музика во училиште. За „Етно Македонија“ слушнав од пријатели и решив да се пријавам – и навистина, ги надмина сите мои очекувања. Во овие неколку дена создадовме прекрасна мала заедница. Овој камп е одличен простор за да запознаеш нови култури, да научиш песни на други јазици, да пробаш традиционална храна и да видиш како живеат луѓето овде, истакна Умберто Солорзано од Перу. 

Младиот музичар од Хрватска Филип Руњиќ нагласи дека прв пат учествува и се чувствува неизмерно среќен што е дел од „Етно Македонија“. - Ова е група на топли, отворени луѓе од кои постојано учам. Атмосферата е инспиративна, а процесот на работа е толку природен и автентичен, рече Руњиќ.

„Етно Македонија“ е дел од глобалната програма „Ethno“ на Меѓународната музичка младина (Jeunesses Musicales International – JMI), која е посветена на народна, традиционалнa и музика од светот, со фокус на младите музичари на возраст од 18 до 30 години, а ментори се Ангел Спироски од Македонија и Андриана Такиќ од Србија. мт/мд/

Фото: Музичка младина на Македонија

 

 

Остани поврзан