• понеделник, 23 февруари 2026

Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица

Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица

Струмица, 21 февруари 2026 (МИА) - Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица со Интернационалното карневалско дефиле, на кое продефилираа 39 групи со над 1.000 учесници од земјава и странство, кои со голем елан ги промовираа своите карневалски креации.

И годинава  кралот на карневалот објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“, почна да тече реката од карневалски креации, а традиционално први настапија струмичките мажоретки. За кусо време публиката на нозе ја кренаа „Блескавите пеперутки“ од Шумен, Бугарија, а по нив „Игра на снегулките“ на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица.

-Нашите снегулки носат радост, љубов, среќа и промена. За кратко време ја подготвивме маската и сме многу среќни што настапуваме на Карневалот, рече претставничка на оваа маска.

Впечатлива беше и маската „Цветина свадба“ на струмичката гимназија „Јане Сандански“.

-Со маската се враќаме во историјата, на македонската традиционална свадба, а зедовме дел од Македонска крвава свадба и пораката е да има слога меѓу сите нас, рече Атанас Цикарски. 

Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а за најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

На Карневалот присуствуваа потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, бројни гости од земјава и странство и претседателот на FECC, Ларс Алгел.

Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски. рт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан