• четврток, 26 декември 2024

Борел: Доставив предлог до Советот на ЕУ за користење на приходите од блокираните руски средства 

Борел: Доставив предлог до Советот на ЕУ за користење на приходите од блокираните руски средства 

Брисел, 20 март 2023 (МИА) - Денеска го претставив мојот предлог за усвојување одлука на Советот на ЕУ за искористување на неочекуваните приходи од руските блокирани средства за поддршка на Украина во нејзината борба за надмоќ, објави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Деведесет проценти ќе бидат распределени преку Европскиот мировен фонд, а 10 отсто преку Буџетот на ЕУ, наведе Борел во објава на Икс. 

Тој натаму нагласува дека со нетрпение очекува ваквиот предлог да биде што побрзо усвоен од страна на лидерите на ЕУ. 

- Ова ќе го покаже единството и посветеноста на ЕУ за поддршка на Украина и нејзиниот народ, додава Борел во објавата. 

Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ ќе се сретнат утре и задутре во Брисел. Една од темите на Самитот на ЕУ е и состојбата во Украина и поддршката на Унијата за земјата во справувањето со руската агресија. 

Се проценува дека на овој начин би се обезбедиле околу три милијарди евра годишно дополнително финансирање за поддршка на Украина. 

Во земјите од Г7, ЕУ и во Австралија се замрзнати околу 260 милијарди евра средства на руската Централна банка, главно во форма на хартии од вредност и готовина, од кои над две третини се во  држави од Унијата.

Голем дел од средствата се замрзнати преку клириншката куќа „Еуроклиар“ со седиште во Белгија, која соопшти дека лани од овие блокирани суми се остварени околу 4,4 милијарди евра профит. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан