Берсе в четврток и в петок во посета на Србија
- Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, ќе престојува во официјална посета на Србија на 5 и 6 март и ќе се сретне со највисоките државни функционери, како и со студенти на Правниот факултет на Универзитетот во Белград и претставници на граѓанското општество, како дел од подготовките за Новиот демократски пакт за Европа.
Белград, 3 март 2026 (МИА) - Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, ќе престојува во официјална посета на Србија на 5 и 6 март и ќе се сретне со највисоките државни функционери, како и со студенти на Правниот факултет на Универзитетот во Белград и претставници на граѓанското општество, како дел од подготовките за Новиот демократски пакт за Европа.
Програмата на посетата вклучува средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут, претседателката на српското собрание, Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, и министерот за правда, Ненад Вујиќ.
Берсе нагласи дека политичкиот плурализам е една од основните вредности на Советот на Европа, поради што планира да се сретне со претставници на целиот политички спектар во Србија за време на неговата посета.
Тој вели дека доаѓа во Белград со јасна порака: „Во моменти на политичка тензија, најважни се фундаменталните работи: здраво владеење на правото, независни институции и почитување на заедничките европски стандарди и меѓународни обврски. Овие фундаментални работи ја обезбедуваат стабилноста на демократиите и довербата на граѓаните во сопствената иднина. Тие се од клучно значење за европскиот пат на Србија - и за демократската безбедност на нашиот континент“, наведе Берсе во соопштение. зш/рп/
Фото: ЕПА