• Sunday, 20 October 2024

Фицо: Планот за победа на Зеленски е контроверзен, може да предизвика трета светска војна

Фицо: Планот за победа на Зеленски е контроверзен, може да предизвика трета светска војна

Брисел, 18 октомври 2024 (МИА) - Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави денеска во Брисел дека Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски е „контроверзен“ и изрази уверување дека членството на Украина во НАТО не е добра идеја.

Фицо повтори дека го поддржува членството на Украина во ЕУ, но дека верува дека членството на земјата во НАТО - што е една од точките на Планот за победа на Зеленски - може да предизвика трета светска војна.

„Им кажав на сите лидери на ЕУ, во присуство на претседателот Зеленски, дека филозофијата на владата што ја предводам сe уште важи и дека сакаме да се фокусираме на значајна и рационална соработка со Украина, чиј резултат не треба да биде убивање, туку помагање на луѓето кои се потребни“, рече Фицо.

Според него, станува збор за контроверзен план што создава поделби меѓу земјите и тоа е причината што Европскиот совет не донел јасен став за тоа прашање.

Фицо рече дека Русија го прекршила меѓународното право со „инвазија на Украина и заземање нејзина територија“, но истакна дека не му се допаѓаат предлозите што поттикнуваат отворена дебата, како што е приемот на Украина во НАТО и испораката на ракети со среден дострел што можат да погодат цели во Русија.

Тој рече и дека четвртата заедничка седница на украинската и словачката влада треба да се одржи во јануари или февруари во Словачка. рп/

Фото: МИА архива