• Wednesday, 01 April 2026

Сиљановска-Давкова - Милатовиќ: Заедничка визија за стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, фокус на регионалната соработка

Сиљановска-Давкова - Милатовиќ: Заедничка визија за стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, фокус на регионалната соработка

Скопје, 31 март 2026 (МИА) - Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и како брат во една братска држава и благодарам поради тоа. Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, заемна почит, а нашите билатерални односи се пример за доброседска соработка во регионот - изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на заедничката прес-конференција во Вила „Водно“ со неговиот домаќин, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Милатовиќ, кој е во официјална посета на државата, нагласи дека двете држави ги поврзува и длабоката историска блискост потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.

- Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и диплматски односи - нагласи Милатовиќ.

Шефот на црногорската држава реќе дека посебно место зазема европската перспектива на двете држави, при што Црна Гора силно го поддржува европскиот пат земјата. 

- Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Имаме цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон, туку и реалност - потенцира Милатовиќ. 

Претседателката Сиљановска-Давкова, од своја страна, истакна дека со колегата потврдиле дека се извонреден пример на регионало добрососедство, добар пример на соработка и внатре во рамките на НАТО, а денешната средба уште повеќе ја зацврствува довербата.

- Она што за двајцата беше ново е потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу младинските совети и очекувам овој меморандум да внесе свежина и креативност во нашите односи - рече Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а самитот ЕУ - Западен Балкан, како што рече таа, што ќе се одржи во Црна Гора, е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност. 

- Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е и право и дека меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ - потенцира Сиљановска Давкова.

Таа исто така се согласи со Милатовиќ дека економската соработка мора да се зголеми, особено во секторите на градежништвото, туризмот, енергетиката, а исто така и во повторно отворање авиолинија Скопје - Подгорица или Скопје - Тиват. нд/вг/

Фото МИА

 

You May Also Like