• Wednesday, 01 April 2026

Советниците на општина Валандово дадоа зелено светло за уредување на централното подрачје

Советниците на општина Валандово дадоа зелено светло за уредување на централното подрачје

Валандово, 31 март 2026 (МИА) - Советот на општина Валандово на денешната седница усвои предлог - одлука со која ќе се решава уредувањето на централното градско подрачје. Одлуката предвидува носење на детален урбанистички план за населба Центар во град Валандово, со која, според општинските власти ќе се решат долгогодишните проблеми со двата запуштени објекти – старото општинско собрание и хотелот „Анска река”. Планскиот документ уредува површина од над 12 хектари и предвидува зголемување на паркинг местата, како и плоштад околу новата црква „Раѓање на Пресвета Богородица”. 

- Планот, кој е основен развоен документ на општина Валандово, има крајна цел преку рационално користење на земјиштето да обезбеди подобри услови за изградба на станбени куќи, станбени згради, хотелски комплекси, деловни намени, детски институции, паркови и зеленила, како и јавни паркинзи во централното градско подрачје. По донесувањето на овој план конечно би се решил проблемот со т.н. собраниска зграда во центарот, со тоа што и се менува намената, и преминува во станбена зграда со 30 отсто деловни простории, така што со планот ќе се создадат услови истата да биде реконструирана или одново изградена. Исто така, катноста на стариот хотел Анска река се зголемува за уште три ката, со што истиот може да добие модерен изглед, објаснија општинските служби на денешната седница.

Деталниот план, како што беше наведено, обезбедува и над 80 јавни паркинг места за центарот на градот, а со него се врши и проширување на градското шеталиште кај црквата „Раѓање на Пресвета Богородица”, кое ќе добие лик на плоштад.

Општинските власти најавија дека следна фаза до конечно донесување на планот е јавна презентација во траење од 60 до 90 дена, кога граѓаните ќе можат да поднесуваат свои забелешки. рш/ац/

Фото: МИА

You May Also Like