Семејствата на заложниците бараат израелската Влада да постигне итен договор за нивно ослободување
- Форумот на семејствата на заложниците кои се држат во Појасот Газа денеска побара постигнување на договор за нивно ослободување, откако беше објавено дека лидерот на Хамас, Јехја ал Синвар најверојатно е убиен во израелска воена операција
Тел Авив, 17 октомври 2024 (МИА) – Форумот на семејствата на заложниците кои се држат во Појасот Газа денеска побара постигнување на договор за нивно ослободување, откако беше објавено дека лидерот на Хамас, Јехја ал Синвар најверојатно е убиен во израелска воена операција.
- Го почитуваме значајното достигнување (убиството на Синвар), но семејствата на заложниците изразуваат сериозна загриженост за судбината на 101-от заложник што сè уште ги држи Хамас во Газа и бараат Владата (на Израел) да обезбеди итен договор за нивното враќање, се наведува во соопштението на Форумот.
Во соопштението се истакнува дека „елиминацијата на Синвар е важна пресвртница кон вистинска победа што ќе се постигне само со враќање на 101-от киднапиран“.
Форумот за семејства на заложници потсетува дека Владата на Израел веќе една година не може да ги ослободи заложниците и го повикува премиерот Бенјамин Нетанјаху да му наложи на преговарачкиот тим да обезбеди итен договор за ова прашање.
Нема и нема да има целосна победа без ослободување на сите киднапирани, се посочува во соопштението. ми/
фото: МИА архива