Премиерот Мицкоски ќе присуствува на 62. Минхенска безбедносна конференција
- Премиерот Христијан Мицкоски, утре ќе отпатува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што ќе учествува на 62-та Минхенска безбедносна конференција, соопшти владината прес-служба.
Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски, утре ќе отпатува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што ќе учествува на 62-та Минхенска безбедносна конференција, соопшти владината прес-служба.
Мицкоски ќе биде придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во рамки на конференцијата, планирани се повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни организации.
Од Владата информираат дека теми на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот и улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен партнер во НАТО. Премиерот, како што стои во соопштението, ќе ја реафирмира позицијата на државата за потребата од предвидлив и фер процес на пристапување во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
На маргините на конференцијата, предвидени се и средби со претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади. бк/лв/
фото: МИА