• Sunday, 08 February 2026

На дел од патиштата на територијата на Карбинци ќе се постават камери

На дел од патиштата на територијата на Карбинци ќе се постават камери

Карбинци, 7 февруари 2026 (МИА) - Дел од територијата на Општина Карбинци ќе  биде опфатена со проектот „Безбеден град“, односно поставување камери, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци.

Градоначалникот на општина Карбинци Виктор Паунов вели дека камери треба да се постават на повеќе локации со цел граѓаните, пред се возачите да бидат внимателни и одговорни, но и безбедени. Тој посочи дека кога станува збор за безбедност на регионалниот пат во село Стар Караорман, кој ги спојува општините Штип и Карбинци е црна точка во сообраќајот. За тоа реагираат и граѓаните, па повеќе од потребно е поставување на камери за регистрирање на прекршоци.

-Дел од нашата територија на Општина Карбинци ќе биде опфатена со системот на „Безбеден град“, и ако искрено ме прашате мене како градоначалник, дали е добро - да, сметам дека е добро, затоа што секој еден наш сограѓанин најважно е прво да биде безбеден, да се чувствува безбедно и да се заштити. Треба да се почитуваат правилата, законите, рече Паунов.

Тој додава дека според статистиката на Министерството за внатрешни работи Карбинци се наоѓа во првата група по сообраќајни несреќи и жртви.

-Неодамна имаше еден настан поврзан со МВР, преку кој се покажаа бројки на општините како индикатори, какви несреќи и колку жртви се имало од сообраќајни несреќи. Јас се изненадив бидејќи Карбинци е во првата група со најмногу жртви по глава на жител, рече Паунов. вдј/мд/

Фото: МИА