• Wednesday, 25 March 2026

Трето издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“

Трето издание на  Фестивалот за литература и општа култура „Видик“

Скопје, 25 март 2026 (МИА) - „Литература.мк“ од денеска до 8 април во својата книжарница во „Дајмонд мол“ го организира третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“ кој, како што соопшти - отвора нови видици, давајќи им значајна поддршка на авторите и на уметниците од разни области на културното творештво во нашата земја.

Фестивалот ќе опфати промоции на книги, музички настапи, театарски изведби, филмска проекција и донаторски настан. Ќе биде отворен вечер од 19 часот со промоција на книгата „Филмската пропаганда во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов, која ќе ја претстави писателката Оливера Ќорвезироска. Утре во 21 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ концерт ќе одржи „Фанк шуи“.

-Програмата опфаќа повеќе книжевни промоции, често во комбинација со театарски или музички изведби. Така, книгата „Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски ќе биде проследена со актерска изведба на Светскиот ден на театарот (27 март), по што ќе следува џез-концерт на Night And Day Quartet во состав: Јани Костурски, Оливер Јосифовски, Бојан Петков-Шамба и Павел Ренџов, наведува „Литература.мк“.

На 28 март ќе се одржи донаторски настан поврзан со книгата „Облеката и модата, од праисторијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во организација на „Ротари клуб Скопје Центар“.

На 1 април е најавена и проекција на историскиот трилер „Бранови“, еден од најгледаните чешки филмови во поновата кинематографија. Настанот се реализира во соработка со Амбасадата на Република Чешка. По проекцијата ќе се одржи концерт на Skopje Jazz Inc., во состав: Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани).

Следниот ден, по повод 21 година од објавувањето на неговиот прв албум, популарниот рапер Тони Зен ќе претстави нов премиум-сет, односно кутија што содржи два албума на винил и две стихозбирки. Настанот „Изборот на Тони Зен“ ќе биде збогатен со настап во живо на раперот со неговиот бенд.

На 3 април концерт ќе одржи познатиот трубач, композитор и бенд-лидер од Белград, Павле Михаиловиќ – претставник на новата генерација балкански џез-музичари. Пред публиката во Скопје, тој со својот бенд премиерно ќе ја претстави музиката од претстојниот албум „New Balkan Jazz“, носејќи енергичен и современ спој на импровизација, грув-ритми и балканската музичка традиција.

Следниот ден (4 април) ќе биде промовирано  книжевното издание „Во тивок модус“ (In a Quiet Mode) од Јана Андреевска, што ќе биде проследено со пијано-изведба на Дино Имери. На 6 април е закажана промоцијата на новиот трилер од новинарот и автор Сашо Кузмановски – „Луѓе-сенки“ (во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“), со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани.

Во рамките на „Видик“, на 30 март ќе биде изведена дуодрамата „Љубовни писма“ со Игор Ангелов и Верица Недеска, а на 7 април -  интерактивната дуодрама „Те чекам“ во режија на Изабела Јакимова, со Гоце Андонов и Ангела Лефкова. На претпоследниот фестивалски ден ќе се одржи и концерт на џез-составот Parussion Group.
 
На затворањето на „Видик“, на 8 април, ќе се одржи концертна промоција на книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст“ од Вера Милошевска, вокалистката на етносоставот „Љубојна“, а вечерта ќе има и настап на „Вера Милошевска трио“, со Бранислав Николов како специјален гостин.

Целата програма на фестивалот „Видик“ е достапна на www.literatura.mk/vidik хс/ац/

Фото: Плакат / Литература.мк