• Thursday, 19 March 2026

Пазарните можности и економското јакнење на земјоделците во фокусот на Генералното собрание на Националната федерација на фармерите

Пазарните можности и економското јакнење на земјоделците во фокусот на Генералното собрание на Националната федерација на фармерите

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Националната федерација на фармерите (НФФ) денеска ќе го одржи Генералното собрание, на кое ќе учествуваат претставници на земјоделскиот сектор, институциите, меѓународните партнери и граѓанските организации, со цел да се разгледаат актуелните предизвици и можностите за развој на малите земјоделци и производители од руралните средини.

Како што соопштија организаторите, предвидени се обраќања на Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармерите, Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, како и Сашо Ангеловски, национален менаџер на We Effect Европа.

Во рамките на настанот ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Успешни приказни и пазарни можности за малите земјоделци“, на која ќе бидат презентирани резултатите од проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени врски на пазарот за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на приходите“, поддржан од Шведска и од шведската организација за развој We Effect.

Панелот ќе понуди конкретни примери за успешни земјоделски иницијативи и модели на развој. Пере и Рахела Транталовски од „Трантал фарм“/ „Преспино“ ќе ја споделат приказната за развојот на нивното производство - од локална иницијатива до препознатлив бренд на свежо цеден сок од јаболко, а Ванчо Кироски од невладината организација „Меден исток“ ќе говори за школата за пчелари и за можностите за вклучување на малите оператори во саемски манифестации.

Во рамките на дискусијата претседателот на НФФ ќе го претстави моделот на договорно производство како ефикасен механизам за обезбедување сигурен пласман и стабилни приходи за земјоделците, со конкретен пример од производството и пласман на пченица. нд/бак/

Фото: МИА архива

 

 

You May Also Like