• Monday, 29 July 2024

Моето презиме доаѓа од Кавадарци, вели професорот Кафадар од Харвард

Моето презиме доаѓа од Кавадарци, вели професорот Кафадар од Харвард

Кавадарци, 28 јули 2024 (МИА) - Моето презиме доаѓа од Кавадарци, вели професорот Џемал Кафадар од Харвард универзитетот. Во разговор за МИА крај реката Луда Мара, во градот на грозјето и виното, Кафадар ни зборуваше со многу носталгија за корените на фамилијата.

-Мајка ми како дете ме успиваше со македонски песни. Никогаш нема да го избришам од моите сеќавања нејзиниот топол глас кога пред заспивање ми ја пееше својата омилена „Докторе, глава ме боли". Во мојата фамилија отсекогаш се говореше македонски, како и во многу други семејства, раскажува професорот, Турчин чии корени се од земјава.

Кафадар е стручњак по отоманска историја, а се сретнавме во Кавадарци, каде што беше во потрага по сопствените корени. По мајка потекнува од мариовска фамилија, а татко му бил од свештеничката лоза Катиповци. Додека живееле во Кавадарци саделе главно тутун и афион, а подоцна во Турција семејството на татко му се бавело со трговија. Роднините по мајка се преселиле кај Бурса и таму произведувале зејтин. Соседите главно им биле Турци, дојдени од Македонија. Човекот чиешто презиме многу потсетува на името на градот Кавадарци, во Северна Македонија беше дојден на конференција за отоманска историја во Скопје.

- Дедо ми по татко заминал од Македонија во 1913 година. Мајка ми, пак, била бебе од само 40 дена кога во 1926 нејзините родители решиле да ја напуштат Македонија и да заминат за Турција. Морале да заминат под притисок на тогашната српска власт. Сите пари што ги добиле од продажбата на имотите, ги сокриле во пелените на мојата мајка и така ги пренеле преку граница. Уште од најмала возраст ми зборуваа за Македонија и за нејзината убавина. Во детските приказни што ми ги раскажуваа секогаш имаше место за родното огниште. Во тие приказни беа градовите и селата од Тиквеш, личности и фамилии, месности од Демир Капија до Градско. Моја животна желба беше да ги посетам родните краишта на моите предци. Редовно ги посетував во моите соништа. Кога доаѓам во Кавадарци тие мои соништа стануваат стварност, а ова ми е трет
пат како доаѓам тука во посета, со емоции говори Џемал Кафадар.

Тој вели дека Македонија ја носи во срцето и во душата и дека таа отсекогаш во неговото семејство важела за „нашата стара татковина“. Вели дека повторно ќе дојде тука.

- Убав ни е животот таму, не се жалиме. Но, верувајте нашите мисли се постојано овде. Кога прв пат дојдов пред 19 години, моите родители нетрпеливо ме чекаа да се вратам за да им ги пренесам впечатоците од родната грутка. Го сликав секое мое движење овде, го запаметив секое дрво, секое камче, вели Кафадар.

Неговата сопруга е професорка на Харвард по Османлиска историја на уметност. Родителите му починале, но додека биле живи, постојано ја споменувале Македонија. Кога го сретнавме, беше заедно со неговиот прв и единствен студент на Харвард од земјава, Александар Шопов. Шопов сега исто така е професор, на Њујоршки универзитет, по Османлиска историја. Професорот и ученикот, всушност сега двајца професори, дојдоа заедно во Кавадарци.


Светлана Дарудова


Фото: МИА