• Wednesday, 27 November 2024

Литванија нема да го натурализира американскиот кошаркар Расел

Литванија нема да го натурализира американскиот кошаркар Расел


Вилнус, 26 ноември 2024 (МИА) – Кошаркарската федерација на Литванија, која е во иста група со Македонија во квалификациите за Евробаскетот 2025, ги демантираше денеска медиумските написи дека е почнат процес за натурализација на американскиот плејмејкер Д’Анџело Расел.
„Литванската кошаркарска асоцијација не почна процес на натурализација, ниту пак разговараше со Расел на оваа тема. Кошаркарските одлуки ги носи стручниот штаб на чело со селекторот Римас Куртинаитис и програмскиот менаџер на репрезентацијата Линас Клеиза. Нивниот пристап е јасен, ние целиме да постигнеме успех користејќи ја само нашата талентирана база. Сепак, ова оди подалеку од кошарката“, изјави претседателот на литванската кошаркарска Асоцијација Миндаугас Балчиунас.
Тој додаде дека прашањето за натурализација е главно правна работа, бидејќи во Литванија странец може да добие државјанство само по исклучок, со одобрение на претседателот на државата.
Во моментов, Расел нема основ да се квалификува за тој исклучок, а Федерацијата не почнала правна постапка за да му дозволи да настапува за Литванија.
Партнерката на Расел, Лаура Иванијукас, со која има две деца, има литванско потекло.
Местото на единствениот дозволен натурализиран играч во репрезентацијата на Литванија моментално го зазема Игнас Браздеикис, кој е роден во Литванија, но пораснал во Канада.
Расел (28) е кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, реализирајќи минатата сезона во НБА лигата просек од 18 поени, 6,3 асистенции и 3,1 скокови. ег

ФОТО: Фејсбук