• Friday, 03 January 2025

Континуиран раст на туризмот годинава, неопходни инвестиции, креативен маркетинг и нова стратегија

Континуиран раст на туризмот годинава, неопходни инвестиции, креативен маркетинг и нова стратегија

Скопје, 31 декември 2024 (МИА) - Сумираните туристички резултати годинава покажуваат континуиран раст на туризмот во земјава. Прва според реализирани посети за десет месеци, вкупно  262 404, е Турција, по што следуваат Србија, Германија, Грција, Бугарија, Холандија Полска, Романија, САД и Хрватска. Вкупниот девизен прилив од туризмот во БДП во првите три квартали е со раст од три отсто споредбено со истиот период лани. Се забележува и раст на бројот на странски туристи за 15 проценти, како и раст на ноќевањата за десет отсто, вели директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Билјана Стефаноска.

Таа најавува дека Предлог-програмата на АППТ за 2025 година вклучува посеопфатна туристичка промоција преку учество на светските саеми за туризам, регионален туристички развој и збогатување на понудата. Целта е, нагласува, земјава да биде конкурентна туристичка дестинација со оглед дека има атрактивни и уникатни ресурси кои треба да се стават во активна функција на туризмот. АППТ во 2025 година ќе го реализира и проектот „Означување на културни добра“. Со поставување информативни табли ќе бидат означени локалитетите Скупи, Аквадукт и Говрлево. Ќе се реализира и првата фаза од проектот „Поставување туристички информативни знаци“ со кој ќе се означуваат со т.н. кафени ознаки (туристички патокази и знаци) неколку туристички атракции на главните коридори 10 и 8, но и на потегот на новиот автопат Скопје – Штип, како и на новиот експресен пат Штип - Радовиш до Струмица. Со ова, подвлекува директорката, ќе се зголеми информираноста на потенцијалните домашни и странски патници по овие патни правци. 

Стефаноска оценува дека создавањето конкурентна туристичка понуда, придружено со иновативни и креативни маркетинг активности ќе придонесе за квалитативен раст на туризмот. Трендовите во туризмот се динамични и затоа мора да се размислува за нови алтернативни форми на туризам. Туристичката индустрија е воедно динамична и повеќеслојна, бара работна сила со современи вештини и приспособливо знаење.

Земјава треба да се етаблира како бренд-идентиет дестинација. Во тоа ќе мора да инвестира, но ќе мора и посветено да работи зашто е од круцијално значење и основа за туристичка промоција. Бре

Туристичкиот развој, порачува директорката, треба да го следи и економски раст, но потребни се вложувања и нова стратегија за туризам, која ќе го трасира патот на овој сектор да биде фактор во македонското стопанство. 

-Развојот на туризмот треба да биде наша стратешка цел, особено во насока на нови инвестиции и технолошки развој, како фактори за кои ќе се бараат неодложни промени. Растот може да биде дел од развојот, но самиот по себе не гарантира одржлив или инклузивен развој. На пример, растот на бројот на туристи без стратегија за управување може да доведе до негативни последици за животната средина или локалната заедница. Развојот на туризмот подразбира поширок и подолгорочен пристап, кој вклучува економски, социјални и еколошки аспекти. За градењето на отпорност во туристичкиот сектор за нас од особено значење има туризмот да стане приоритетна економска гранка во која пред се ќе мора да се обезбедат одржливи финансиски инвестиции, особено во патната инфраструктура. Големо е и значењето на инвестициите во туристичките капацитети, со што би се извршила диверзификација на туристичката понуда, а со самото тоа и диверзификација на економскиот раст и развој на нашата земја во целина. Успехот во туризмот лежи во иновативниот став што го користат засегнатите страни, како и во издржливоста што ја покажуваат дестинациите и компаниите подеднакво во моменти на неизвесност, потенцира Стефаноска.

Уште еднаш истакнува и дека со упорност и кохезија меѓу засегнатите страни, како и со примена на иновативни решенија, туризмот може да стане двигател на одржлив развој.

-Потребни се вложувања и инвестиции ако сакаме туристичката индустрија да има значаен удел во БДП-то како стопанска гранка. Македонија има голем туристички потенцијал, но трендовите во туризмот се динамични. Затоа мора да се размислува за нови алтернативни форми на туризмот. Одржливиот туризам е нашата иднина и нашиот следен чекор во развојот на дестинациите, бидејќи има неверојатни придобивки за животната средина, општеството и локалните заедници. Развојот на алтернативните форми на туризам директно ќе влијае на зголемување на девизниот прилив, јакнење на малите и средните претпријатија кои работат во областа на туризмот, намалување на невработеноста како и подобрување на севкупната економска состојба во земјата. Одговорните туристички практики имаат за цел да ги минимизираат негативните влијанија врз животната средина, културата и локалните заедници додека ги максимизираат придобивките. Одржливиот туризам може да поттикне создавање работни места преку промовирање на еколошки, социјално и културно одговорни практики. Со фокусирање на безбедноста, автентичноста, одржливоста и персонализацијата, дестинациите можат да ја подобрат својата репутација и да привлечат посетители и за авантуристички и за културен туризам. Нашето културно наследство и претставуваа интегрален дел на нашиот стратешки развој за одржлив туризам како голема предност за Македонија, така и за регионот, подвлекува директорката. 

Според АППТ, од назначувањето на директорската позиција Стефаноска оствари повеќе од осумдесет состаноци и имаше можност одблиску да се запознае со предизвиците со кои се соочува туристичкиот сектор, како и заедно со засегнатите страни да ги идентификува областите за подобрување. мч/са/

Фото: МИА архива

  

 

 .