• Sunday, 05 January 2025

Пронајдено телото на четвртата жртва од автомобилот кој излета во Вардар кај Рашче

Пронајдено телото на четвртата жртва од автомобилот кој излета во Вардар кај Рашче

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Од водите на Вардар попладнево околу 15 часот во близина на местото на несреќата, пронајдено е телото на четвртото починато лице во сообраќајната несреќа што вчера се случи околу 16 часот, кога патничко возило „ауди“ излета од патот Сарај-Рашче, потврди Министерството за внатрешни работи.

По наредба на јавен обвинител, телото ќе биде предадено на судска медицина од каде треба да се добие потврда за идентитетот на лицето.

- Откако од водите на Вардар беше извлечено уште едно тело на починато машко лице, патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините, се наведува во информацијата од ЈОРСМ.

Во потрагата по четвртото лице од несреќата учествуваа и припадници на армиските Волци.

Јавното обвинителство утрово соопшти дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар синоќа биле извадени три починати женски лица, за кои била издадена наредба за обдукција. Се трагаше по уште едно лице. Во автомобилот патувало и дете, кое било пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар. 

Директорот на Детска хирурија Лазо Јовчески за МИА изјави дека детето е во стабилна општа состојба, не е во витално загрозувачка состојба и наскоро треба да биде пуштено на домашно лекување.

-Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, кое има пет години, рече Јовчески. ев/бак/

ФОТО: Принтскрин канал 5