• Saturday, 19 October 2024

Израел го суспендира разгледувањето на барањата на трговците за увоз на храна во Газа

Израел го суспендира разгледувањето на барањата на трговците за увоз на храна во Газа

Ерусалим, 17 октомври 2024 (МИА) – Израел го суспендираше разгледувањето на барањата на трговците за увоз на храна во Газа, што го оневозможува снабдувањето со неопходни производи на повеќе од половина од опколената палестинска територија што функционираше во последните шест месеци.

Од 11 октомври, трговците во Газа, увозници на храна од Израел и Западниот Брег, не можат да пристапат до системот што пролетта го постави ЦОГАТ, одделот на израелското Министерство за одбрана, задолжен за следење на странската помош и комерцијалните пратки.

Протокот на стоки што сега пристигнуваат во Газа е најмал од почетокот на војната пред една година, според анализата на официјалните израелски податоци.

ЦОГАТ не одговорил на новинарско прашање за увозот на храна во Газа, но навел дека се прави се за да се обезбеди доволна помош да влезе во крајбрежната енклава и оти Израел не го спречува влезот на хуманитарна помош.

Обвинувањата дека Израел ја блокира испораката на залихи се отфрлени.

Од 1 до 16 октомври, вкупните испораки во Газа, вклучувајќи помош и комерцијални стоки, се намалија во просек на 29 камиони дневно, според статистиката на ЦОГАТ.

Од мај до септември во просек на палестинска територија дневно влегувале по 175 камиони.

Комерцијалните пратки, стоките купени од локални трговци и транспортирани со камиони по директно одобрување од ЦОГАТ, а потоа продадени на пазарите во Газа, учествувале со 55 отсто од вкупните пратки во тој период.

Два извори вклучени во снабдувањето со храна рекоа дека причината за стопирањето на комерцијалните пратки е загриженоста на Израел дека екстремистичкиот Хамас добива приходи од увозот.

Портпаролот на Хамас негираше дека исламистичката организација крадела храна или имала некакви приходи, но посочи дека се обидува да обезбеди дистрибуција на помош во Газа.

Затворањето на комерцијалниот систем доаѓа во време кога Израел почна нова воена операција против Хамас во северниот дел на Газа, паралелно со прекинот на испораката на хуманитарна помош.

Светската програма за храна во неделата соопшти дека со воена операција е запрена сета испорака на помош преку премините на северот на најмалку две недели овој месец.

Големото намалување на помошта за Газа ги натера САД да се заканат дека ќе ја прекинат воената поддршка на Израел.

По меѓународните критики, ЦОГАТ оваа недела соопшти дека Израел дозволил десетици камиони со хуманитарна помош да влезат во Газа, вклучително и оние кои влегуваат преку премините на север. јт/

Фото: ЦОГАТ на Х

You May Also Like