• Saturday, 09 November 2024

Изменет сообраќаен режим за Скопскиот маратон

Изменет сообраќаен режим за Скопскиот маратон

Скопје, 6 октомври 2024 (МИА) - Поради одржување на „Виз Ер Скопски маратон 2024“ денеска од 7 до 14 часот дел од автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.

Како што соопшти ЈСП „Скопје“, со непроменета траса се градските линии: 2, 2А, 8, 12, 19, 20, 45, 59 и 65В и приградски линии: 11, 11а, 18, 32, 47, 47а, 52, 53, 55, 56, 56а, 60, 61, 63, 63а, 63б, 65, 65а, 65б, 66, 66а, 68, 71, 74, 81 и 162.

Изменет режим на сообраќање ќе имаат автобусите со број 5, 7, 15, 15 А, 21, 22, 23, 27, 28, 31, 41, 51, 67, 70, 50, 50А, 57, 59, 59 А, 58, 58а и 58б. Изменетиот режим на сообраќање на автобусите е објавен на веб-страната на ЈСП „Скопје“. 

- Ги потсетуваме сите учесници дека на денот на маратонот ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз со приложување на стартниот број (маица), се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“.

МВР информира дека денеска од 8 часот поради одржување на „Виз ер - Скопски маратон 2024“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, по и во близина на сообраќајниците каде ќе се движат натпреварувачите.

- Настанот ќе се одвива со следните траси на движење: Траса на движење на трката од 5 км - Старт кај Собрание на РСМ, право по ул.„11 Октомври“, лево по бул.„Крушевска република“, десно по бул.„Трета македонска бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„Трета македонска бригада“ и ул.„Коста Новаковиќ“ и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“ на ул.„11 Октомври“, соопшти МВР.

- Траса на движење на маратонот, полумаратонот и штафетната трка (по наведената траса за штафетната трка и маратонот натпреварувачите се движат два пати) – Старт кај Собрание на РСМ на ул.„11 Октомври“, право кон „Рекорд“, односно по ул.„Димитрие Чуповски“, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по ул.„Војвода Васил Чакаларов“, се до крстосница со ул.„Ангел Динев“, каде се врти полукружно назад по истата траса се до Собрание на РСМ на ул.„11 Октомври“ и се продолжува право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска република“, десно по бул.„Трета македонска бригада“, лево по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул. „Јане Сандански“, се до крстосница со бул.„Србија“, каде се врти полукружно и во истата коловозна лента назад по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Кузман Јосифовски Питу“, каде се врти полукружно назад во истата коловозна лента до крстосница со ул.„Васко Карангелевски“, десно по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„Трета македонска Бригада“, лево по бул.„Крушевска република“, десно по ул.„11 Октомври“ до целта - плоштад „Македонија“, се вели во соопштението. 

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде ќе се одвива настанот. мд/сст/

Фото: МИА архива