Во Тетово се одржа седница на Унијата на албански општини низ Балканот, Касами најави отворање иновативен центар за млади
- Според градоначалникот се разговарало и за соработка на градовите со помош на ЕУ-фондови за прекугранична соработка.
Тетово, 3 април 2026 (МИА) - Општина Тетово денеска беше домаќин на седницата на Унијата на албанските општини во Балканскиот регион. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами информираше дека на овој состанок имало дискусии со цел да се разгледаат работните приоритети за 2026 година.

-Тема на дискусија беа реализација на проектите со заеднички интерес. Тетово е дел од реализација на ваквите проекти. Значи со поддршка на Унијата во Тетово ќе се реализира Иновативен центар за млади, каде што младите од Тетово и од поширокиот регион на Тетово од другите општини кои гравитираат, ќе можат да ги истакнат своите иновативни капацитети во делот на новите технологии. Со тоа ќе придонесеме да нашите млади бидат подготвени за пазарот на трудот, изјави Касами.
Според градоначалникот се разговарало и за соработка на градовите со помош на ЕУ-фондови за прекугранична соработка.
-Се разговараше за други регионални проекти, особено во делот на апликации на проекти, прекугранични проекти на Европската Унија, како и други проекти во областа на развојот на туризмот, културата и други проекти во заеднички интерес на граѓаните од општините кои се дел од оваа унија, рече Касами.
Унијата на албанските општини во балканскиот регион е формирана во 2016 во Тирана, Албанија, од претставници на пет општини Тирана, Приштина, Тетово, Улцињ и Прешево. Од 2019 година Унијата е регистрирана како здружение во Тирана. ас/рп/
Фото: Општина Тетово