• Tuesday, 26 November 2024

Во земјава се зголемува бројот на деца со низок раст

Во земјава се зголемува бројот на деца со низок раст

Велес, 25 ноември 2024 (МИА) - Дијагнистицирањето на  заостанување на растот кај децата во земјава е дури во 11 и 12 година од животот, а тоа најчесто го откриваат нивните родители. За ендокринолозите и Здружението на граѓани „Раст“ тоа е доцна фаза. Земајќи го во предвид фактот дека последните години во Велес и земјава има зголемен број на откриени случаи на деца со низок раст, односно деца кои имаат проблеми со овој вид на хормон, граѓанската организација „Раст“ и лекарите ендокринолози денеска во Европската куќа на млади во Велес одржаа едукативно предавање.

Со ова предавање воедно беше реобновена  кампањата за јакнење на свеста за предизвиците со кои се соочуваат децата со низок раст, а која беше запрена во 2013 година,  а сега  организаторите на кампањата добија поддршка  од Министерството за труд и социјална политика.

Претседателот на здружението на граѓани „Раст“, Aлександар Петковски информира дека за жал степенот на дијагностицирани деца со низок раст во земјава  е висок.

- За потребите на реализација на кампањата изработивме Прирачник и голем број постери, на кои освен прикажаните деца во природна величина на краевите се наоѓа отпечатено метро што во детските амбуланти ќе може да се користи и за мерење на висината на детето додека се чека на преглед. Измерената бројка на висина на нивното дете, пожелно е родителите да ја соопштат на лекарот за да може да побараат и совет дали и како нивното дете расте. Во нашата држава имаме четири видови на хормон за раст и затоа  не е потребна грижа од страна на родителите, потенцира Петковски.

Воедно, тој најави  дека ќе ги посетат сите градови во земјава, а лекарите ендокринолози ќе одржат едукативни предавања со лекарите во јавните здравствени институции и со заинтересираните од приватните.

Инаку, едукативното предавање „Рано предавање на пореметувањето на растот кај децата и навремен третман со хормон за раст“ во Велес го организираа ЈЗУ Општа болница Велес и ЗГ„Раст“. Едукацијата ја посетија здравствени работници на велешка болница и на ЈЗУ Здравствен дом, лекари, во поголем број педијатри и медицински сестри, како и преставници на основни и средни училишта во градот.  Нив ги едуцираше проф. др Марина Константинова Крстевска – спец. еднокринолог педијатар од Клиника за детски болести Скопје.

Таа појасни дека постои и мобилна апликација за брза проценка на раст, која што освен родителите можат да ја симнат и лекарите. ад/дма/

Фото: МИА