• Wednesday, 27 November 2024

Во Дебар започна обележувањето на улиците со новите имиња

Во Дебар започна обележувањето на улиците со новите имиња

Дебар, 26 ноември 2024 (МИА) – Општина Дебар почна со поставување соодветни сообраќајни табли со новите имиња на улиците.

Свеченото откривање на една од таблите со новото име „Дебарски конгрес“ поранешна Атанас Таневски-Илиќ (паднат борец од Дебар) беше извршено кај градската пошта, на кое присуствуваа градоначалникот Хекуран Дука, претседателот на Советот на општината Фуат Спахиу, членови на советот и граѓани.

Градоначалникот Дука меѓу другото изјави дека предлогот за преименување на улици во градот беше изгласан од страна на Советот на општината во април 2021 година, со запазување на Бадинтер и во декември истата година овој предлог беше одобрен од тогашната Влада на РСМ.

-После неколку административни процедури, имињата на улиците конечно беа запишани во централниот регистар, со што се оствари сонот на дебарчани. Денес, 98-те улици на Дебар носат имиња кои ја отсликуваат историската, културната, етничката и мултиетничката реалност на градот. Во секој документ за идентификација, пасош или други документи ќе се појавуваат новите имиња на улиците, додаде Дука.

Тој искажа благодарност до сите советници, иницијатори и тогашната влада кои помогнале за финализирање на оваа иницијатива.

Според одлуката нови имиња освен улиците, добија дел од населбите и двата моста. Повеќе ги нема имињата на улиците поврзани со поранешна Југославија (ЈНА, 22 декември, Едвард Кардељ…), но и на првоборци и учесници во НОВ (Видое Смилевски-Бато, дебраните Здравко Чочковски, Таса Мартиновска...). Остануваат досегашните имиња на улиците

Илинден, Гоце Делчев, Никола Карев, на дебарските народни херои Ибе Паликуќа и Лиман Каба, како и првоборците Павле Џиковски и Зија Мерсоски, три нови улици добија име „11 октомври“ „Џепиште“ „Могорче“. Најголем број од имињата на улиците се на личности и настани од албанската историја и култура и Албанци од Дебар.

Познатиот Мелнички Мост сега е Мост Радика, а мостот кај Рајчица, Дебарски Мост. Населбите „Венец еден“ и „Венец два“ се преименувани во „Уранику“ и „Пенестија“, додека остантите шест ги задржуваат старите имиња „Варош“ „Вакоф“ „Дрмала“ „Ќернаница“ „Намазјар“ и „Будулец“. вт/дма/

Фото: МИА