• петок, 27 декември 2024

„Immersium“ - нова дигитална алатка за археолошкиот локалитет Стоби

„Immersium“ - нова дигитална алатка за археолошкиот локалитет Стоби
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Во Театарот на археолошкиот локалитет Стоби од денеска е во функција новата мобилна апликација „Immersium“, која низ истражување, едукација и забава, на посетителите на овој локалитет ќе им овозможи уникатно културолошкo искуство. Оваа апликација овозможува движење по локалитетот Стоби, посета на објектите и низ забава нуди едукација за нивната историја. Менаџерот на Стоби за овој проект, Димитар Николовски, појасни дека апликацијата преку игра го запознава посетителот на градот со активностите кои се случувале во градбите, односно во седум различни градби. -Апликацијата ве става во улога на посетител на градот, каде што преку запознавање со активностите кои се случуваат во градбите кои се опфатени во водичот, односно во седум различни градби. Значи, поминувате покрај порта Хераклеа, покрај полукружниот плоштад, театарот, казиното, Теодосијанската палата и Виасакра, како и враќањето назад, кое ќе ве однесе пак на почетокот, објасни Николовски за време на денешната промоција на апликацијата во Стоби. За време на активностите кои се содржани во играта, посетителот може да се запознае со тоа што се случувало во овој локалитет. -Ние во Стоби имаме аудио водич кој функционира долго време и кој ги кажува основните информации за градбите, но многу сувопарно, историски и многу стручно. Сега, на пример, имате можност да искусите дека во полукружниот плоштад всушност имало пазар и дека таму се продаваат работите и таму се среќавате со трговец, кој ќе ви постави неколку прашања, ќе ви постави квиз, ќе ве праша каде одите.. На секоја следна градба имате некој кој е поврзан со градбата и кој ќе ви објасни што е всушност функцијата на градбата, а и ќе ви остави некаков „хинт“ за тоа кој всушност се обидува да го отруе императорот Теодосиј, кој во 388-ма дошол во Стоби, и до денес не знаеме за посета на друг император. Тој е единствениот римски император кој го посетил Стоби, појасни Николовски. Тој додаде дека две години работел на овој проект, а напомена дека играта се однесува за лица над 13 години. Самото искуство со играта трае 45 минути. Како што најави, до крајот на годината ќе има верзија за игра која ќе биде за деца до 13 години. Директорот на Националната установа Стоби, Спасе Перовски денеска за време на промоција на апликацијата посочи оти се надева дека и останатите локалитети и музеи во земјава ќе можат да го применат овој начин на претставување на своите институции, и со тоа креативно да дојдат поблиску до посетителите и останатите кои се заинтересирани за културата. Како што информираше, апликацијата е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка меѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби - Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), фондацијата Балканско Наследство (Софија, Бугарија), Археолошки институт за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и Nexto (Словенија). Проектот е финансиран од Европската комисија. Директорот на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, Милан Танчески напомена оти му е драго што културното наследство претставува идеална можност за соработка меѓу креативни индустрии и културните институции. -Кога разговаравме за тоа на кој начин може да се користи технологијата за промоција на културни наследства, не знаев дека тука се организирале гладијаторски борби, борби со животни, дека театарот со своја оригинална димензија собирал околу седум илјади граѓани на Стоби, дека библиотеката во локалитетот е една од најголемите и најубавите во тоа време. Ние многу често ги истражуваме ваквите локалитети, но не ги знаеме приказните на луѓето кои живееле тука. Оваа апликацијата има за цел да ги раскаже приказните на стобјани и да ги води посетителите низ едно интерактивно истражување на локалитетот, рече Танчески на денешната промоција. Тој рече дека „Immersium“ е платформа која обединува три локалитети, едниот е Виминациум во Србија, другиот е Емона од Словенија, и за секоја од овие локалитети е изработена посебна апликација која раскажува посебни приказни. -Самата апликација овозможува користење на квизови, игри, илустрации, видеа, и овозможува едно уникатно искуство кое на секој посетител на Стоби ќе му овозможи сосема нов начин на гледање на минатото, додаде Танчески. Како што напомена, идејата на платформата е да бидат поканети и други локалитети од Европа, за да се развијат нови културни приказни. бт/нд/  

Остани поврзан