• среда, 25 декември 2024

„Eпсотех“ во август почнува со реализација на инвестиција вредна 20 милиони евра

„Eпсотех“ во август почнува со реализација на инвестиција вредна 20 милиони евра

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - Најмалку 110 работни места претежно од инженерската струка, нови машини и технологија, најавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и извршниот директор на компанијата „Eпсотех“, Аламави, кои ја промовираа претстојната инвестиција во земјава вредна 20 милиони евра.

Како што рекоа Мицкоски и Аламави, инвестицијата е германско-белгиска, ќе почне во август со градба на објект надвор од индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец, а се очекува и брзо да биде удвоена.

-„Eпсотех“ има 60 години искуство и со нас носиме многу вештини. Се надеваме дека тука ќе отвориме повеќе од 110 работни места кои ќе бидат претежно во машинската и инженерската гранка. Би сакале да почнеме со изградба на нова зграда, односно со инвестиција од приближно 20 милиони евра. Сакаме да ги прошириме нашите активности со производствени капацитети тука, во Скопје, односно да работиме на отворање фабрика и нови машини. Веќе имаме шест подружници во Европа, ова ќе ни биде седма, истакна Аламави.

Тој напомена дека „Eпсотех“ е позната по тоа што работи по еколошки стандарди.

-Познати сме по тоа што користиме рециклирани материјали, не само наши, туку и од нашите клиенти, и од зелената и од сината економија. Ги рециклираме материјалите и од земјоделската гранка и од рибарството, им даваме нов животоен циклус и играме многу важна улога во заштитата на житвоната среина и во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Овој начин на работа веќе го применуваме во Германија, користиме ветерна и соларна енергија. Веднаш кога ќе почнеме со планови за изградба на една постројка, правиме планови и за втора. Се надевам дека и тука ќе останеме со истата стратегија како досега, објасни директорот.

Според премиерот Мицкоски, се очекува инвестицијата да биде најмалку двојно зголемена.

-За нас е чест и задоволство што по нецели две недели и посакуваме добредојде на уште една инвестиција. За почеток ќе има нови 110 работни места, развој на истражувачки центар, нешто што досега недостасува или многу малку го има. Но, тука не застанува оваа инвестиција, туку ќе продолжи да се зголемува и бројот на вработени и извозот и самата инвестиција која очекуваме да биде најмалку двојно зголемена. Компанијата е лидер на пазарот во Германија и таму е присутна со 25 отсто што е значајна препорака за нас зашто очекуваме голем дел од компаниите кои иневститорот ги снабдува со своите производи, да го следат неговиот пример и да дојдат тука, да инвестираат. Нашата цел е со дела да ја сакаме Македонија, порача Мицкоски. мч/нд/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан