• недела, 24 ноември 2024

„Ел Периодико“: Бојко Борисов осомничен за наводно перење пари во Шпанија

„Ел Периодико“: Бојко Борисов осомничен за наводно перење пари во Шпанија
Мадрид, 21 февруари 2020 (МИА) - Каталонската полиција и обвинителството за борба против корупцијата во Шпанија врши истрага дали бугарскиот премиер Бојко Борисов е поврзан со евентуално перење пари во таа земја, објави денеска шпанскиот весник „Ел Периодико“. Според весникот, во март минатата година полицијата во Каталонија добила жалба од бугарската невладина организација MC BUUP. Како што информира „Ел Периодико“, корисник на наводните махинации би можела да е поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева. Таа и нејзиниот татко учествувале во две компании со седиште во Барселона - „Numin Invest SL” и „EMA BGS SL”, кои од 2013 година имаат добиено повеќе од пет милиони евра. Тие средства би можеле да доаѓаат од физички лица, кои живеат надвор од Шпанија. Во жалбата на невладината организација се тврди дека Јовчева и нејзиното семејство живеат во луксузна вила во Барселона. Во рамки на истрагата е утврдено дека недвижниот имот бил купен во 2013 година за три милиони евра и е регистриран на име на компанијата „Numin Invest SL”. Според весникот, во периодот од јануари до јуни 2013 година, поранешната манекенка била единствен раководител на таа фирма, чиј капитал изнесувал 3.000 евра. Подоцна раководната функција ја преземал нејзиниот татко, кој инвестирал уште околу 3.000 евра. Истражните органи откриле уште една компанија - „EMA BGS SL”, која е сопственик на продавница за облека во Барселона. Во неа се инвестирани околу 2,3 милиони евра, кои доаѓаат од друга компанија. Седиштето на „EMA BGS SL” се наоѓа во вилата, во која живеела манекенката. На таа адреса било регистрирано и едно дете, чиј единствен старател  е Јовчева. Во тужбата, поради која е започната истрагата, се тврди дека Борисов би можел да има врска со поранешната манекенка. Бугарскиот премиер ги демантира таквите тврдења. Полицијата смета дека, генерално, инвестициите во Каталонија надминуваат пет милиони евра, а парите доаѓаат од две компании кои се во фокусот на истрагата. Службениците за спроведување на законот не пронашле докази, кои потврдуваат дека поранешната манекенка и нејзиниот татко имале легитимни приходи за да си овозможат таков начин на живот. Во полициските извештаи, се претпоставува дека парите би можеле да бидат „поврзани со непријавени средства на високи функционери од бугарската Влада“, пишува шпанскиот весник. Полицијата во Каталонија засега не ги потврдила информациите објавени во „Ел Периодико“. гт/

Остани поврзан