„Њујорк тајмс“: Путин сака обнова на односите со САД без да ја запре војната во Украина
- За рускиот претседател Владимир Путин, преговорите со САД за прекин на огнот во Украина служат само како средство за постигнување многу пошироки цели, но тоа не вклучува запирање на војната, пишува весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори во руската влада.

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) - За рускиот претседател Владимир Путин, преговорите со САД за прекин на огнот во Украина служат само како средство за постигнување многу пошироки цели, но тоа не вклучува запирање на војната, пишува весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори во руската влада.
Тоа, меѓу другото, го потврдуваат и интервјуата минатата недела што весникот ги направи со високи претставници на руските надворешнополитички институции, на конференцијата за безбедност во Делхи. Кремљ ги гледа преговорите за Украина и за руско-американските односи како два одделни процеси.
Запирање на војната во Украина не е приоритет за Путин, и покрај постојаните уверувања на претседателот Доналд Трамп дека тој сака крај на непријателствата. За Путин, многу поважно е маслиновото гранче кое, како што изгледа, е подадено од новата американска администрација. Тој се обидува да се договори за обнова на економските односи без да ја поврзе таа цел со решавањето на „ситуацијата поврзана со украинската насока“.
Путин и понатаму има за цел потчинување на Украина, а преговорите за прекин на борбените дејствија ги користи за да му угоди на Трамп, кој сака да ја запре војната, и да ги искористи придобивките од затоплувањето во односите со Вашингтон.
Во разговор за „Њујорк тајмс“ ваквиот пристап го формулираше Вјачеслав Никонов, заменик-претседател на Комисијата за меѓународни прашања во државната Дума, рускиот парламент. Според него, Трамп и Путин развиваат „билатерална агенда“ која „не е поврзана со Украина“.
-Украина си тече по свој тек. Офанзивата продолжува. Но мислам дека за Путин односите со Америка се поважни отколку конкретното украинско прашање. И самиот Путин зборуваше за истото. Кон крајот на февруари, по првата средба по многу години меѓу претставници на САД и Русија, тој изјави: „Ние… го направивме првиот чекор кон обнова на работата во многу области од заемен интерес“. Според него, иако „на ситуацијата поврзана со украинската насока ѝ се посветува главно внимание“, „имаме и други прашања: економијата, нашата заедничка работа на светските енергетски пазари… вселената, секако“.
На прашањето за незадоволството на европските земји што не биле поканети на преговорите и што не им било дадено право на глас, Путин одговори: „Право на глас во што? Јас штотуку реков, целта и предметот на нашите преговори е обнова на руско-американските односи. Дали некој сака да биде посредник меѓу Русија и Соединетите Држави? Веројатно тоа се излишни барања“. кб/