• среда, 04 септември 2024

Љутков: Велосипедската Рута „Транс Динарика“ нова туристичка понуда, која ќе придонесе кон одржлив туризам, регионална соработка и инвестиции

Љутков: Велосипедската Рута „Транс Динарика“ нова туристичка понуда, која ќе придонесе кон одржлив туризам, регионална соработка и инвестиции

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) -  Во Скопје во присуство на министерот за култура и туризам и шведската амбасадорка Ами Ларсон-Јаин беше официјално презентирана Велосипедската Рута „Транс Динарика“, иницијатива која опфаќа шест земји од Западниот Балкан и ветува да го трансформира одржливиот туризам во регионот. Рутата е долга 5000 км, од кои 605 километри низ Северна Македонија и покрај истакнување на прекрасните пејзажи и богатото културно наследство на регионот, а ќе донесе и значителни економски и социјални придобивки.

Министерот Љутков во обраќањето истакна дека оваа рута ќе им овозможи на посетителите да ги доживеат убавите пејзажи, различните традиции, кујна и приказни од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детална дигитална навигација, за првпат, рече тој, ќе можат да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО.

-Овој проект ја потврдува и потребата долгорочно да соработуваме, да се поврзуваме и да ги промовираме разновидните културни и туристички потенцијали на овој дел од Европа. Промоцијата на Западен Балкан како една туристичка понуда ќе придонесе кон одржлив туризам и регионална соработка, ќе обезбеди економски и социјален просперитет, но и ќе ни отвори пат кон дополнителни стратешки инвестиции. Затоа, Министерството за култура и туризам во овој проект препознава одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува рутата, но и за зацврстување на локалната економија, создавање можности за вработување и поттикнување на културната размена, рече министерот Љутков.

Тој потсети дека за првпат од осамостојувањето на државава, Владата во својот состав има Министерство за култура и туризам, односно кон секторот култура го интегрираме и секторот туризам, бидејќи во туризмот препозна важен столб за промоција на културното и природното наследство што го поседуваме, но и фактор за раст и развој на националната економија.

-Ние сме мала земја која може да понуди многу, а оваа патека е вистинско збогатување на туристичката понуда. Верувам дека македонскиот туризам, како и туризмот во регионот на Западен Балкан, има светла и обединета иднина, порача Љутков изрзувајќи подготвеност за поддршка на потенцијалите на оваа рута и нејзин развој во иднина.

Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон-Јаин,  го изрази своето воодушевување од иницијативата, оценувајќи дека овој проект претставува значаен чекор во нашите колективни напори за поттикнување на одржлив рурален развој и унапредување на туристичката индустрија во овој динамичен регион.

-Рутата Транс Динарика не е само за туризам, таа е за зајакнување и можности. Со фокус на младите лица и жените во руралните подрачја, придонесуваме за стимулирање на туристички активности кои ќе генерираат нови работни места и дополнителни приходи. Оваа иницијатива е сведоштво за моќта на соработката и заедничката визија за посветла иднина за Западниот Балкан, рече шведската амбасадорка.

Пред прустните се обрати и менаџерот на програмата RECONOMY, Пауло Родригез, кој ја нагласи трансформативната улога на иницијативата во регионот, подвлекувајќи дека Транс Динарика е повеќе од велосипедска рута, тоа е патување кое нè поврзува со срцето и душата на Западниот Балкан. 

-Оваа рута е мост меѓу различните култури, заедничката историја и колективната иднина. Таа го симболизира потенцијалот кој се појавува кога заедниците, владите, меѓународните партнери и приватниот сектор се обединат со заедничка цел: да промовираат одржлив развој, да поттикнат инклузија и да поттикнат економски раст во руралните подрачја, изјави Родригез.

По говорите, претставници од Гудплејс, ја претставија Велосипедската Рута Транс Динарика и придружната дигитална навигациона апликација, која се очекува да го зголеми ангажманот и задоволството на туристите.

Транс Динамика е препознаена од над 100 меѓународни медиумски куќи, вклучувајќи Лонли Планет, Си-Ен-Ен и Гардијан, и веќе е славена како една од „Најдобрите за патување“ за 2024 година, наведуваат од Проектот.

 

Рутата се предвидува да генерира 15 милиони евра директно економско влијание во рок од три години и да создаде над 3000 работни места, значително зајакнувајќи ги локалните економии на руралните подрачја долж рутата. Со обединување на јавниот и приватниот сектор, локалните заедници и меѓународните партнери, проектот има за цел да го позиционира Западниот Балкан како водечка дестинација за зелен
туризам, посочуваат од менаџментот на програмата RECONOMY. вг/са/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан