• недела, 06 октомври 2024

ЈП „Куманово гас“ ќе ја проширува мрежата кон индустриската зона во Доброшане

ЈП „Куманово гас“ ќе ја проширува мрежата кон индустриската зона во Доброшане

Куманово, 9 јануари 2024 (МИА) - ЈП „Куманово гас“ ќе ја шири дистрибутивната мрежа кон Доброшане во близина на индустриските капацитети, информираа денеска надлежните од претпријатието и додадоа дека токму големите корисници се приоритет на „Куманово гас“. Надлежните очекуваат да се заврши со градежните активности и малите и средните претпријатија од приватниот сектор да се приклучат на мрежата, бидејќи и самите побарале проширување на мрежата кон нивните производни капацитети.

-Ширењето на дистрибутивна гасоводна мрежа веќе е влезено во нашата програма за развој за 2024 година, ќе се шири во правец на индустриска зона населба Доброшане. Треба да се опфатат поголеми капацитети и приоритет се големите компании. Веќе е разговарано и тие се заинтересирани и очекуваме да станат наши потрошувачи во наредниот период. Предвидени се околу 2.300 метри да стигнеме со мрежата. Во меѓувреме остануваме на ставот онаму каде што веќе има инсталирано дистрибутивна мрежа сите што ќе бидат заинтересирани и имаат уредна техничка документација да направиме напори да се направи приклучок, изјави директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски.

Претпријатието годинава ја прошири секундарната дистрибутивна гасоводната мрежа кај „Соколански парк“. Таму беше изградена мрежа од 1,3 километри од кои еден километар од булеварот „Трета МУБ“ до средното училиште „Наце Буѓони“ и 300 метри кон „Народна Револуција“ до Соколана, каде веќе е поставена мрежата. Целта беше да се стигне до објектот Соколана, до техничкото училиште „Наце Буѓони“, подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци“ и до ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.

-Оваа година ја исполнивме зацртаната цел стигнавме до средното техничко училиште, интернатот, основните училишта. Тие се во фаза на изработка на проектна документација и наскоро очекуваме да станат наши клиенти, да монтираат грејни тела. Од оваа година првпат како ЈП почнавме да работиме со сопствена механизација и вработени што не беше случај во претходните години кога имавме подизведувачи. Оваа година беше напорна прва година кога ние самите учевме и се надеваме дека наредната година ќе сме поискусни и полесно ќе се движат работите, вели Митровски.

Минатата година тој ја оценува како успешна по двете исклучително незавидни години кога цената на гасот се движеше и до 150 денари, што ги демотивираше корисниците кои во тој период се префрлија на други енергенси.

-Можеме да ја окарактеризираме како релативно успешна, ако земеме предвид дека претходните две години беа навистина лоши за енергетскиот сектор, бидејќи цената на гас бележеше драстични скокови 150 денари по кубен метар скоро сите наши клиенти се префрлија на некој друг енергенс. Од март лани цената на природниот гас забележа драстичен пад стигна до 50-60 денари и сè уште се движи во тие рамки. Веднаш се воочи разликата дел од нашите клиенти се вратија, при крајот на минатата грејна сезона. На почетокот на оваа сите институции кои се приклучени на гас се наши потрошувачи, сите основни и средни училишта, градинката, болницата, домот за стари, општината. Цената е околу 60 денари и сме 10-15 денари поевтини од нафтата што не става по подобра позиција. Дел од граѓаните се вратија, дел не се, но очекуваме и тие повторно да станат наши потрошувачи, вели Митровски.

Во 2023 година и Владата и Општината доделуваа субвенции за греење на гас од 25.000 и 15.000 денари или севкупно 40.000 денари. Дури 96 граѓани ја искористиле субвенцијата.

-Тие веќе се приклучени имаат монтирано и инсталирано котли и се наши корисници, а дел сè уште немаат. Откако заврши оваа субвенција сите оние работи кои ги ветивме од општината се исплатени и веќе им се одбиени од ратите на нашите клиенти. На сите кои имаат поднесено барање им се одобрени и исплатени и средствата од Владата, изјави Митровски.

Тој потенцира дека и годинава очекува слична субвенција,, бидејќи Општината предвиде средства и за тековната 2024 година. ам/вј/

 

Фото: МИА

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан