ЈП „Куманово-паркинг“ подготви планови за „Б“ зона
- Подготвени се проектите за воведување на „Б“ зона на неколку локации во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово-Паркинг“. Целта, како што посочуваат, е да се намали метежот во централното градско подрачје кој особено е изразен во летниот период.
Куманово, 17 јули 2024 (МИА) - Подготвени се проектите за воведување на „Б“ зона на неколку локации во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово-Паркинг“. Целта, како што посочуваат, е да се намали метежот во централното градско подрачје кој особено е изразен во летниот период.
- Програмата веќе е утврдена, изработени се проектите. Предвидено е проширување на „Б“ зоната кај локалитет „Водовод“ на „Октомвриска револуција“, спроти комплексот базени и околу основното училиште „Бајрам Шабани“. Овие проекти се подготвени, одобрени, имаме дозволи од СВР Куманово, се е потврдено, изјави директорот на ЈП „Куманово Паркинг“ Андреа Маџовски.
Сообраќајниот метеж во централното градско подрачје е евидентен. Одговорните од претпријатието сметаат дека со воведување на зоната „Б“ ќе се растерети метежот во централното градско подрачје. Пајак службата работи континуирано и со зголемен обем на работа последниов период, дневно се подигаат околу 30-тина возила.
- Сконцентрирани сме на централното градско подрачје, за да се растовари метежот. Имаме добра екипа на вработени и одлична соработка со СВР Куманово, изјави Маџовски кој од неодамна е назначен за нов директор на ова претпријатие.
Претпријатието доби возило од општина Куманово која ги обезбеди работните машини за повеќе претпријатија од градот, преку под-заем со Министерство за финансии, во рамките на проектот подобрување на општинските услуги финансиски поддржан со заем од Светска банка. И старото пајак возило е сервисирано и може да се употребува при регистрација или сервис на новото пајак возило.
Во „А“ зона има 580 паркинг места, со „Б“ се планираат од 300 до 400 места. ам/дма/
Фото: МИА