„Јасен“ доби современа противпожарна опрема со поддршка од ЕУ, вицепремиерот Димовски истакнува дека проектот е насочен кон превенција од шумски пожари
- Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, Ангеле Сотировски, денеска присуствуваа на настан организиран по повод испораката на современа противпожарна опрема за „Јасен“, обезбедена во рамките на прекуграничниот проект „Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени (WILD-A)“.
Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, Ангеле Сотировски, денеска присуствуваше на настан организиран по повод испораката на современа противпожарна опрема за „Јасен“, обезбедена во рамките на прекуграничниот проект „Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени (WILD-A)“.
Како што посочи заменик-претседателот на Владата, Димовски, испорачаната опрема претставува значаен резултат од проектот што се имплементира во рамките на програмата за прекугранична соработка „Грција - Северна Македонија 2021 - 2027“, финансирана од Европската Унија. Димовски истакна дека проектот е насочен кон превенција од шумски пожари и заштита на биодиверзитетот во две високоризични подрачја - приградската борова шума во Едеса, Република Грција, и повеќенаменската природна заштитена област „Јасен“ во земјава.
- Проектот WILD-A одговара на итната потреба за превенција од шумски пожари и заштита на биодиверзитетот во две високоризични подрачја: приградската борова шума во Едеса, Република Грција, и повеќенаменската природна заштитена област „Јасен“ во Република Северна Македонија. Овие подрачја се соочуваат со зголемени закани од шумски пожари кои сериозно ги загрозуваат екосистемите, урбаната инфраструктура и водните ресурси, рече Димовски.

Тој додаде дека проектот вклучува реализација на значајна заедничка пилот-акција, соработка на четири организации од двете страни на границата и организација на четири прекугранични јавни настани со учество на локалните засегнати страни. Исто така, се обезбедува примена на најмалку едно техничко решение – систем за рана детекција и гаснење на пожари – од страна на регионалните власти, со можност за негово понатамошно реплицирање во други високоризични подрачја.
- Во рамките на проектот за потребите на „Јасен“ обезбедени се противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани противпожарни пумпи и резервоари за вода, оптички систем за надзор со долг дострел, како и багер со лопата за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари. Дополнително, предвидена е и набавка на лична заштитна и професионална противпожарна опрема за шумските пожарникари, рече Димовски.
Според него, со комбинирање на напредни технологии за рана детекција, зајакнати мерки за цивилна заштита и активно вклучување на локалната заедница, проектот има за цел унапредување на климатската отпорност и заштита на природното наследство во прекуграничниот регион.
- Долгорочно, проектот ќе придонесе кон создавање побезбедни заедници, намалување на економските загуби предизвикани од пожари и зачувување на повеќе од 15.000 хектари подрачја богати со биодиверзитет, истакна вицепремиерот Димовски.

Со оглед на тоа што „Јасен“ опфаќа површини од исклучителен професионален, еколошки и хуманитарен интерес, тој наглсува дека зајакнувањето на неговиот институционален и технички капацитет за превенција и управување со шумски пожари претставува приоритет од особено значење.
- Обезбедувањето современа и специјализирана противпожарна опрема е клучен чекор кон поефективна и одржлива заштита на оваа повеќенаменска природна област. Вкупниот одобрен буџет на ЈАСЕН , како партнер во проектот, изнесува 338.370 евра, од кои 298.290 евра се наменети за набавка на опрема, рече заменик-претседателот на Владата, Љупчо Димовски.

Министерот за локална самоуправа, Перински посочи дека пожарите, особено во летниот период, „кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети“.
- Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме, рече министерот Перински.
Во рамките на проектот се предвидува и примена на техничко решение, систем за рана детекција и гаснење пожари од страна на регионалните власти, со можност за понатамошно реплицирање во други високоризични подрачја, како и активности за научна експертиза, истражувања и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест.
- Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари туку ги поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница, истакна директорот на „Јасен“, Сотировски.
Вкупниот одобрен буџет на ЈП „Јасен“ како партнер во проектот изнесува 338.370 евра, од кои 298.290 евра се наменети за набавка на опрема. ра/паг/
Фото: Министерство за локална самоуправа