• вторник, 24 декември 2024

Јаневска: Интерес на државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни универзитети, но целта е да се вратат дома 

Јаневска: Интерес на државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни универзитети, но целта е да се вратат дома 

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Силно го поддржувам ЕУ концептот за преминување од „одлив на мозоци“ кон „циркулација на мозоци“. Ова значи дека студентите и професионалците кои стекнале знаења и вештини во странство, се охрабруваат да се вратат во нивните матични земји. Интерес на нашата државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни странски универзитети, каде што се споделуваат врвни технологии, иновации и најдобри практики. Сепак, нашата крајна цел останува тие да се вратат дома, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Саемот за студии во Франција.

Според Јаневска, со стекнатите знаења и вештини надвор, младите можат многу да придонесат за технолошкиот напредок и да го поддржат севкупниот раст на нашата економија.

-Уверена сум дека новата Влада со стимулативни мерки ќе ги поттикне завршените студенти во странство да се вратат дома и да учествуваат во градењето на иднината на својата земја, потенцира министерката.  

Франција, напомена, има реноме како една од водечките светски дестинации за високо образование, со универзитети рангирани меѓу најпрестижните во светот.

-Тоа го постигнуваат со иновативните студиски програми кои комбинираат теоретско знаење и практична примена, како и со вклученоста во современи истражувања. Привлечноста ја прават не само можностите за личен и професионален раст на студентите, туку и богатата културна понуда на француските универзитетски центри. Министерството за образование и наука ја поддржува образовната мобилност, и за студирање на реномирани странски високообразовни установи доделува и стипендии, дополни Јаневска.

Саемот за студии во Франција го организираат Француската амбасада и Францускиот институт. Годинава се одржува 17. издание. 

-Атрактивноста на студирањето е една од нашите најголеми акции на делување на надворешен план. За оваа академска година во Франција има 430 000 странски студенти, а целта ни е да привлечеме 500 000 наредната година или половина милион. Во моментов има 160 македонски студенти. Преку овие средби сакаме да ја унапредуваме размената. Навистина е возможно да се студира во Франција, не е комплицирано и не е толку тешко, рече францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.

Амбасадорот го поддржа ставот на министерката Јаневска.

-Студентската атрактивност не треба да значи „одлевање на мозоци“, да ги земаме најдобрите студенти на друго место, зашто нашата цел е сите млади луѓе кои ќе стекнат вистински знаења, да се вратат во земјата од која дошле и да учествуваат во нејзината изградба, како и во европската иднина, нагласи Ле Риголер. мч/нд/

фото/видео: МИА

 

Остани поврзан