• вторник, 24 декември 2024

Одбележан денот на Општина Гостивар 

Одбележан денот на Општина Гостивар 

 Гостивар, 24 декември 2024 (МИА) – Во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар синоќа беше одбележан Денот на општината. Годинава, признанието почесен граѓанин и клучот на градот му беше врачено на пензионираниот наставник Хазби Фејзи.  

Вршителот на должноста градоначалник Ваљбон Лимани во обраќањето ја истакна мултиетничноста на гостиварската општина и напомена дека тоа е придобивка.

- Со гордост можам да кажам дека нема друг град во Македонија каде што има толкава толеранција и успешен соживот. Овој неверојатен факт е водич за тоа што сакаат гостите. Ни требаат еднакви услови за сите, ни треба сéопфатен професионален начин на размислување. Ни требаат чисти патишта за сите. Топли училишта за сите, паркови и игралишта за сите. Без оглед на нашите различности, нас нè обединува многу поголема работа како што е Гостивар, рече Лимани.  

Лимани изрази оптимизам за развојот на општината со оглед на, како што рече, рушењето на политичкиот режим кој предизвикал блокади во функционирањето на државата. - Денес сме слободни и конечно ќе го добиеме она што ни следува од централната власт и ќе имаме одлични вложувања, од кои дел веќе почнаа да се реализираат, потенцира првиот човек на општина Гостивар.  

На свеченоста беше присутен и Арбен Таравари, поранешен градоначалник на општина Гостивар кој посочи дека Гостивар е кислород за секој гостиварец, а работата на градоначалникот ја опиша како најблагородна работа што некогаш ја работел. 

Благодарници им беа доделени на истакнати личности, здруженија и организации кои со својата работа и залагања биле промотори на локално и меѓународно ниво. Годинава на општинскиот празник, признанија за придонес во музиката добија рок групата Ареа, Хакан Мазар и музичкиот состав Шкендија. згм/бак/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан