• сабота, 23 ноември 2024

Јавна расправа за Предлог законот за помилување: Претседателот може да помилува само за казна, а не и за кривично гонење

Јавна расправа за Предлог законот за помилување: Претседателот може да помилува само за казна, а не и за кривично гонење

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Министерството за правда организираше јавна расправа за Предлог-законот за помилување, а едно од клучните прашања кое беше предмет на широка дискусија, како што нагласуваат, беше прашањето за правото на Претседателот на државата да помилува лица од казна и од кривично гонење, при што работната група застана зад решението дека тој може да помилува лица за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

-Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението согласно кое Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Ова решение беше целосно поддржано и од работната група која работи на новиот Кривичен законик, се вели во денешното соопштение од Министерството за правда.

Според Министерството, значајна новина се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување. Предвидени се кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Во тој контекст, нагласуваат од Министерството за правда, се и одредбите со кои се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите.

-На законот кој беше предмет на денешнава јавна расправа се работеше подолг временски период. Беа разгледани повеќе компаративни искуства а најголем дел од решенијата се содржани во оние држави со кои имаме слични правни системи, нагласуваат од Министерството за првда. сст/ар/

 

Остани поврзан